21 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАРетроспективна изложба на Спасе Куновски во Даут пашин амам

Ретроспективна изложба на Спасе Куновски во Даут пашин амам

kunovski-spase

Во среда, во галеријата Даут пашин амам, со почеток во 19 часот ќе биде отворена ретроспективно-монографската изложба на еден од доајените на македонската современа ликовна уметност Спасе Куновски (1929-1978).

Ретроспективата ја организира Националната галерија на Македонија, а ја подготвија кураторите Маја Неделковска-Брзанова и Ана Франговска. Тие приредија и обемен каталог на повеќе од 150 страници, каде од денешен агол се согледува творештвото на Куновски.
На вчерашната прес конференција кустосот Маја Неделкоска-Брзанова информираше дека ова е еден од најголемите и најафирмирани проекти годинава.

„Целта на ретроспективните изложби е да се обнови сеќавањето на големите автори и од еден нов аспект да се даде видување на нивното творештво“, рече Неделкоска-Брзанова.

Потсети дека и досега организирале голем број ретроспективно-монографски изложби со единствена цел, како што рече, да се афирмираат и да се обнови сеќавањето на авторите кои дале голем и значаен придонес за афирмација на македонската современа ликовна уметност. Најави дека и во иднина ќе организираат ретроспективни изложби или изложби поврзани со одредени јубилеи кои го одбележуваат творештвото на реномирани македонски современи уметници.

Кустосот Ана Франговска појасни дека овој проект го работеле годинава заедно со Маја Неделкоска-Брзанова, а интензивните подготовки се одвивале во последните два месеца.

Франговска додаде дека претставувало голем предизвик да се соберат делата од Куновски, а публиката ќе има шанса да ги разгледа во Даут-пашиниот амам до 18-ти декември.

„Процесот на анализирање и пронаоѓање на сопственоста на голем број дела излезе како предизвик. Веројатно од оваа изложба ќе излезат предлози до Министерството за култура или некоја институција да се формира систем за следење на делата. Бидејќи, како секаде во светот , сопственоста е една работа, а авторските права сосема друга. Кога станува збор за вакви доајени и културни вредности , мора да знаеме во секое време каде се наоѓа некое дело, мора да му се следи трагата“, рече Франговска.
Таа направи осврт на животот и делото на Куновски, нагласувајќи дека во неговиот краток животен век од 49 год, создал околу 250 дела, од кои успеале да лоцираат 120.

„Голем дел од делата се уште во сопственост на неговата сопруга Нада и ќерката Јана Куноски. Голем број дела се наоѓаат во колекциите на Националната галерија на Македонија каде им 13, а во Музејот на современа уметност се наоѓаат 11 дела“, рече Франговска.

Ќерката на Спасе Куновски, Јана Куновска, ја поздрави иницијативата на Националната галерија на Македонија за организирање изложба. Според неа, со изложбата им се прави чест на Куновски и на неговото семејство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП