10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ подготвува „црна листа“ со даночни засолништа

ЕУ подготвува „црна листа“ со даночни засолништа

d343

Министрите за финансии на земјите од Европската унија (ЕУ) ќе разговараат за планот за изготвување на „црна листа“ со даночните засолништа во светот како чекор кон воведувањето на поголеми санкции против нив, соопштува „Ројтерс“.

Министрите ќе ги разгледаат критериумите за идентификување на „осомничените“ држави, ќе разговараат за несогласувањата во одредувањето на засолништата и други детали кои ги попречуваат напорите за борба со избегнувањето на даноците.

Во мај членките во ЕУ се согласија да создадат заедничка листа до крајот на следната година по скандалот со „панамските документи“. Во медиумите протекоа досиеја кои откриваат како некои мултинационални компании и богати поединци го избегнуваат плаќањето на даноците.

Организацијата за заштита на човековите права „Oxfam“ ги поздрави плановите и изјави дека „црниот список“ треба да ја вклучува Швајцарија, како и другите земји во рамките на ЕУ, кои се идентификуваат како корпоративни даночни засолништа. Меѓу нив се Холандија, Белгија, Кипар и Луксембург.

„Даночните засолништа им помагаат на големите бизниси да ги мамат земјите и нивните граѓани со милијарди долари во форма на даноци секоја година. За сиромашните земји, каде што парите се потребни за образованието, здравството и создавањето на работни места, даночните засолништа ја засилуваат сиромаштијата и нееднаквоста“, објави организацијата во соопштението.

Членките на ЕУ и во моментов имаат свои „црни листи“, но секоја земја е слободна да одлучи кои од владините мерки ќе ги наметнува и дали воопшто ќе применува такви. Некои листи се практично празни.

Во септември Европската комисија (ЕК) предупреди дека кај 81 држава и јурисдикции постои веројатност за олеснување во избегнувањето плаќање на даноци. Комисијата предупреди дека тие можат да бидат предмет на понатамошна истрага и дури санкции.

Во извештајот на Конференцијата на ОН за трговија и развој (UNCTAD), објавен претходно оваа година, се наведува дека во 2015-та година компаниите вложиле 221 милијарди долари во земји со ниски даночни стапки, претежно Луксембург и Холандија. Инвестиции во вредност од 72 милијарди долари пак биле насочени кон две даночни засолништа под британска јурисдикција – Британските Девствени Острови и Кајманските Острови.

Во последниот квартал на 2015-та година, сепак, откако Луксембург и Холандија го воведоа новите европски правила за борба против даночните практики, компаниите повлекле од двете земји милијарди долари.

Протокот на средства кон Британските Девствени Острови и Кајманските Острови е приближно во границите на просечните вредности, но во последниве години изворите на парите се префрлени од богатите кон земјите во развој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП