4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДо 500 милиони евра на располагање на Македонија од кинескиот Фонд

До 500 милиони евра на располагање на Македонија од кинескиот Фонд

kina-500

Минимум 50, а максимум 500 милиони евра од Фонд на Кина за Централна и Источна Европа, преку кој ќе се менаџираат средствата во рамките на форматот „16+1“, се на располагање за конкретни државни проекти, но и за приватни компании од Македонија, потвдија премиерот Емил Димитриев и вицепремиерот Владимир Пешевски.

Кинескиот премиер Кечијанг Ли на вчерашниот Самит на НР Кина со 16 земји од Централна и Источна Европа објави формирање на Фонд за Централна и Источна Европа, преку кој ќе се менаџираат средствата во рамките на форматот „16+1“.

Во недлеа претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев, заедно со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски одржаа состанок со претставници на Фондот.

Целосниот буџет на кинескиот Фонд, кој според вчера договореното, на европскиот континент ќе биде сместен во Минхен, додека централата е во Хонг Конг, за годинава изнесува три милијарди евра, а догодина се очекува да има на располагање десет милијарди евра за инвестиции, пред се во патната инфраструктура.

Според македонскиот премиер и вицепремиерот за економски прашања, со претставниците на кинескиот Фонд денеска во Рига е разговарано за конкретни проекти и договорена е разработка во детали на конкретни проекти и воспоставување на соработката.

„Една од главните поенти на вчерашниот Самит на 16 земји од Централна и Источна Европа со НР Кина беше формирање посебен Фонд со кој ќе се помагаат проекти во гореспоменатите земји. Ние денеска остваривме контакт со претставници на тој Фонд од кои се запознавме со структурата на Фондот, со условите на кој начин сметаат и имаат намера да финансираат проекти. Од она што го слушнавме, навистина се работи за поволна структура и за поволни услови под кои ќе работи Фондот. Интересно е тоа што покрај финансирањето на државни проекти, средствата од овој Фонд ќе бидат достапни и за приватни компании. Договоривме и наредна средба со поконкретни детали“, рече премиерот Димитриев по средбата.

Вицепремиерот Пешевски, пак, посочи дека кинескиот инвестициски Фонд, што претходно беше најавен, како новина оваа година е што ќе биде насочен кон приватните компании. Според потпретседателот на Владата за економски прашања, македонската Влада ќе се заложи на приватните компании од Република Македонија, на страна од оние државни проекти што ќе бидат понудени за реализација од овој инвестициски Фонд, да им помогне и на приватните компании да подготват соодветни проекти и да аплицираат во инвестицискиот Фонд.

„Сепак, се работи за малку поголеми проекти, како што беше кажано, кои изнесуваат над 50 милиони евра како минимална големина на проект, но критериумите за поврат, односно очекуван профит на Фондот се навистина многу разумни и очекувам дека сите поголеми компании што имаат позначајни инвестициски идеи за следниот период ќе најдат соодветен партнер што ќе овозможи да излезат надвор од рамките на Република Македонија и да започнат да настапуваат уште поглобално. Самиот Фонд нуди и формирање партнерства со други приватни компании, дел од Кина, дел од Хонг Конг, односно генерално од Азија, а кои имаат намера да влезат на овие пазари. Затоа, мислам дека се отвораат нови перспективи за значително исчекорување вон границите на Република Македонија“, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП