26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПромовирана платформата getdata.mk

Промовирана платформата getdata.mk

getdata33

Платформата www.getdata.mk, која ги содржи поважните јавно достапни бази на податоци, преку кои може да се дојде до јавни информации, во четврток беше промовирана од Граѓанската асоцијација МОСТ и интернет порталот НОВА.

GetData претставува алатка за студенти по новинарство, новинари и невладини организации кои работат на истражувања поврзани со корупцијата и владеењето на правото. Оваа алатка ги систематизира поважните јавно достапни бази на податоци, како и други методи преку кои може да се дојде до јавни информации кои можат да им бидат од корист на истражувачите.

Покрај базите на податоци од Македонија, GetData исто така нуди и опција за пребарување на сите достапни бази на податоци во светот.

Идејата на платформата е да ги поврзе новинарите истражувачи со граѓанските организации кои работат во области од јавен интерес со цел да поттикне синергија во делувањето на медиумите и НВО-секторот во борбата против корупцијата и заложбите за квалитетни реформи во сферата на владеењето на правото и слобода на медиумите.

„Институциите создаваат огромни бази на јавни податоци и документи кои во ерата на интернет технологиите и стремежите за отворено општество стануваат полесно достапни. Истовремено, овие податоци заедно со теренската работа и аналитичките способности, во 21 век стануваат клучни алатки во работата на истражувачките новинари“, рече новинарката Сашка Цветковска, која е автор на платформата.

Дополнително, на настанот беше промовиран и проектот „Медиа платформа на застапување“ во рамки на кој е изработена оваа платформа.

Целта на проектот е да се даде придонес кон овозможувачка околина за квалитетно истражувачко новинарство и зајакнување на соработката меѓу медиумите и граѓанските организации за зголемување на нивното влијание врз јавните политики и процесот на донесување одлуки.

Од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ информираа дека во рамки на проектот, ќе бидат организирани и регионални обуки за застапување и истражувачко новинарство. Регионалните обуки ќе бидат место каде ќе се поврзат и споделат различни локални искуства, со цел да се создаде синергија меѓу новинарите, невладините организации, граѓаните и локалните власти.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку преку ИПА програмата за граѓанското општество и медиуми 2014.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП