3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews

 

Љубљана – Српскиот авионски превозник „ЈАТ Ервејз“ од словенечката компанија „Адриа Ервејз“ ќе земе на лизинг два авиона „Ербас А319“ за период од три години. Авионите ќе ги одржува „Јат Техника“. Порталот „Екс-Ју Авиејшен“ објави дека „Адриа Ервејз“ двата авиони ќе му ги предаде на ЈАТ во мај.

Белград – Обединетите Арапски Емирати се заинтересирани за основање банка во Србија, а по тој повод досега се одржани неколку состаноци, соопшти гувернерот на Народната банка на Србија (НБС), Јоргованка Табаковиќ. Сепак, до НБС досега не е поднесено официјално барање за добивање прелиминарно одобрение за отворање ваква банка.

Берлин – Рабодотавците во германскиот преработувачки сектор нудат зголемување на платите за околу 3,7 милиони работници, што е далеку под барањата на синдикатите од 5,5 отсто. Асоцијацијата на работодавци во јужната германска покраина Баварија понуди зголемување на платите од 2,3 отсто за период од 13 месеци. Водечкиот германски синдикат на металците ИГ метал бара поголемо зголемување на платите, бидејќи. како што соопшти, германската економија е во подобра состојба од стопанствата во многу други европски земји и може да си дозволи зголемување од 5,5 отсто.

Париз – Француската Групација „Пежо-Ситроен“ (ПСА) објави дека во првото тримесечје од 2013 година продала рекорден број автомобили во Кина вкупно 142.000, што е зголемување за 31 отсто на годишно ниво. Најголем раст имаше марката „Донгфенг Пежо“ за 24 отсто. Овие резултати го потврдуваат позитивниот тренд на продажба на возилата на ПСА на кинескиот пазар, со оглед на тоа дека во 2012 година оваа компанија во Кина продала вкупно 442.000 возила.

Ферфилд – Нето профитот на американската компанија „Џенерал Електрик“ (ГЕ) порасна за 16 отсто во првиот квартал оваа година поради се поголемата добивка од продажбата на авионски мотори и транспортна опрема. Нето профитот на ГЕ во посочениот квартал изнесувал 3,5 милијарди долари или 34 центи по акција, благодарение на приходите од 35 милијарди долари. Во истиот период лани компанијата заработи три милијарди долари, при вкупен приход од 35,2 милијарди долари.

Лос Анџелес – Финансискиот директор на американската компанија „Мајкрософт“ Питер Клајн поднесе оставка на функцијата, без да ја обелодени причината за таквата одлука. Информацијата за заминувањето на Клајн соопштена е во момент на зголемено незадоволство на инвеститорите од падот на продажбата на персоналните компјутери на светскиот пазар во првото тримесечје од оваа година. Во првиот квартал продажбата на годишно ниво е намалена за 13,9 отсто, што според податоците на истражувачката агенција ИДЦ, претставува нејзин најголем пад од 1994 година.

Детроит – Јапонскиот производител на автомобили „Нисан“ повлекува над 19.000 возила поради дефект на сопирачките, соопшти компанијата. Повлекувањето се однесува на моделите „Нисан Петфајндер“ и „Нисан Инфинити ЈХ СУВ“ произведени од 3 декември 2012 година до 29 јануари 2013 година. Во соопштението на компанијата се наведува дека сопирачките во овие модели не се направени исправно и дека може да дојде до нивно пукање. Според „Нисан“, ако дојде до пукање уредот за кочење може да се преврти и да удира во тркалото на возилото.

Минск – Белорускиот претседател Александар Лукашенко најави дека во најскоро време Белорусија може да стане членка на Светската трговска организација (СТО). Лукашенко нагласи дека земјата отишла многу напред во остварувањето на таа цел, истакнувајќи дека САД неодамна најавиле оти нема да го политизираат приемот на Белорусија во СТО и нема да го блокираат ниту да се противат на тој процес. Ист случај е и со Европската унија, рече тој.

Москва – Кипарскиот преседан ги крши основните принципи на довербата во банкарскиот систем, смета помошничката на рускиот претседател за економски прашања и иден шеф на Централната банка на Русија, Елвира Набиулина. – Она што се направи со Кипар е опасен преседан, рече Набиулина, нагласувајќи дека граѓаните не се должни да плаќаат за грешките на законодавците. Според неа, експропријацијата на делот на влогот на Кипар е кршење на основните правила на доверба. – Тоа дури е полошо и од банкрот на големи банки, смета таа.

Берлин – Германскиот производител на возила „Фолксваген“ во тековната година планира да продаде три милиони возила во Кина, во однос на 2,8 милиони во 2012 година. Очекувајќи пораст на побарувачката на кинескиот пазар за автомобили годишно од 6 до 8 отсто во следниот период од 3 до 5 години,  „Фолксваген“ планира со иста динамика да ја зголеми и својата продажба на возила на овој пазар. За таа цел, „Фолксваген“ до 2018 година ќе го зголеми бројот на вработените во своите филијали во Кина на околу 100.000 во однос на сегашните 75.000.

Вашингтон – Американскиот интернет портал „Гугл“ во првото тримесечје од оваа година оствари поголем раст од очекуваниот, како и значително поголеми приходи, посебно од огласувањата. „Гугл“ во првиот квартал од оваа година го зголеми нето профитот за 16 отсто на 3,35 милијарди долари. Профитот по акција изнесувал 11,58 долари, што е над просечното очекување на аналитичарите, кои предвидуваа 10,69 долари. Приходите од продажбата скокнаа за дури 31 отсто на 14 милијарди долари.

Берн – Швајцарскиот производител на лифтови и ескалатори, компанијата „Шиндлер“ продолжи со раст и во 2013 година, остварувајќи нето профит од 166 милиони франци во првото тримесечје, што е за 6,4 отсто повеќе од истиот период лани. Приходите од продажбата во првиот квартал од оваа година достигнаа вредност од 1,98 милијарди франци, што претставува зголемување за 4 отсто на годишно ниво, соопшти Групата. Вредноста на новите порачки во истиот период порасна за 7,5 отсто на 2,36 милијарди франци, благодарение на зголемената побарувачка од регионот Азија-Пацифик, но и од Северна и Јужна Америка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП