13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАММФ: Развиените земји да го поттикнат економскиот раст

ММФ: Развиените земји да го поттикнат економскиот раст

lagard1

Извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристин Лагард на почетокот на пролетната седница на Фондот и Светската банка во Вашингтон ги повика развиените земји да го поттикнат економскиот раст и да преземат решителни мерки за надминување на глобалната криза што трае веќе пет години.

Лагард нагласи дека Европа, Јапонија и САД заостануваат во спроведувањето на неопходните мерки за повторно воспоставување на цврст и одржлив глобален економски раст.

Светската економија се уште се соочува со значителни проблеми, проследено со ризикот од продолжен период на слаб економски раст, истакнува Лагард во извештајот од дводневната седница на Организацијата и Светската банка, што заврши синоќа.

– Се уште е присутна длабока загриженост за економските мерки што се применуваат, како и пречките за економско заздравување, вклучително и ограничениот напредок на пост-кризните реформи, нагласи Лагард, додавајаќи дека се појавува ново „трибрзинско заздравување“ на светската економија.

Извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, сепак нагласи дека едно од поголемите достигнувања е успешно избегнатата економска катастрофа, како распад на еврозоната.

– Американските јавни финансии остануваат во неодржлива состојба и потребен е сеопфатен план за остварување поголеми приходи. Во Јапонија, една од земјите со најголем јавен долг во светот, спроведувањето на краткорочни стимулирачки пакети го зголемува ризикот на државните финансии, поради што официјален Токио мора да разработи план за фискална консолидација и стратегија за раст, предупреди извршниот директор на ММФ.

Лагард во однос на Европа, нагласи дека еврозоната има јасно изразена потреба за балансирано поттикнување на економскиот раст преку најавените реформи. Строгите мерки за штедење наметнати врз периферните земји членки на еврозоната како Грција, Италија и Португалија резултираат со исцрпеност од прилагодување и раст на тензиите околу праведноста на тие мерки.

Глобалната економија го избегна најлошото, но тоа не значи дека повеќе нема проблеми, заклучи Кристин Лагард.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП