28 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКонтинуираните реформи придонеле за скок на рангот на „Дуинг бизнис“

Континуираните реформи придонеле за скок на рангот на „Дуинг бизнис“

duing3

Континуираните реформи и настојувања за постојано подобрување, поради кои во Македонија се стопанисува побрзо и поевтино од пред десет години или во однос на сегашните процедури во земјите од Европа, централна Азија и ОЕЦД, а тоа резултираше рангирањето на Македонија да биде на 10­тото место во светот и 5­ тото место во Европа во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светската банка.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, рече дека Македонија бележи континуиран напредок во извештајот на Светска банка и оти во споредба со 2007 година забележан е скок од 84 места.

„Овој континуиран напредок е резултат на напорна и координирана работа при што се спроведоа над 30 системски реформи со кои се олесни работата на сите оние кои водат некоја компанија, драстично се намалија административните процедури и времето за спроведување одредени постапки“, рече Пешевски.

Најновото рангирање на Македонија, според него, ќе придонесе за уште поголема афирмација на земјата во светски рамки.

„Извештајот „Дуинг бизнис“ е најреномиран светски економски извештај и има големо внимание кај светските мултинационални компании. Бизнис климата која ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, да продуцираат нови производи и да го зголемуваат извозот, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата“, рече Пешевски.

Вицепремиерот потсети дека овие резултати можеле да бидат и подобри доколку во овие десет години, а особено во последните две, не се испречиле многу комплексни ситуации, кои го забавиле процесот на спроведување на реформите, на еден или на друг начин.
Министерот за финансии Кирил Миноски рече дека процедурите за водење бизнис во сите сегменти во Македонија се значително олеснети, поедноставени и намалени, а скратени се и времето и трошоците.

„Благодарение на континуираните реформи и настојувања за постојано подобрување, денес во Македонија се стопанисува побрзо и поевтино во однос на пред десет години или во однос на сегашните процедури во земјите од Европа, централна Азија и ОЕЦД. Така денес во Македонија се плаќа три пати пониска ефективна даночна стапка, три пати побрзо се увезува и извезува стока при што извозот е удвоен и намален е трговскиот дефицит, полесно се пристапува до кредити и многу побргу се решаваат стечајните постапки“, рече Миноски.

Тој потсети дека Македонија се наоѓа на 9­тото место во светот по индикаторот „Плаќање даноци“, на 16. место кај индикаторот „Пристап до кредити“, на 27. место кај индикаторот „Услови за прекугранично тргување“ и на 32. место по „Решавање на несолвентност“.
И во однос на останатите индикатори, Македонија котира повисоко во извештајот на Светска банка. Така, Македонија е четврта земја во светот по Нов Зеланд, Канада и Хонг Конг каде е најлесно да се започне бизнис, а на 11. позиција во светот е рангирана според индикаторот за вадење градежни дозволи.

Во извештајот „Дуинг бизнис“ во кој се мерат условите за водење бизнис во 190 држави во светот, Македонија е подобро рангирана од Австралија, Германија, Австрија, Канада, Франција, а е земја со најдобра бизнис клима на Балканот.

Зад неа се Бугарија која е рангирана на 39. место, Србија на 47., Албанија на 58., Косово на 60. и Грција на 61. место.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП