18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУште нема договор со Валонија, Белгија не може да го потпише CETA

Уште нема договор со Валонија, Белгија не може да го потпише CETA

%d0%b1%d0%b5%d0%bb%d0%b8%d0%b8

Белгискиот премиер Шарл Мишпел изјави во понеделникот дека неговата земја сé уште не може да даде согласност за потпишување на договорот за слободна трговија на Европската унија со Канада, односно Сеопфатниот економски и трговски договор (Comprehensive Economic and Trade Agreement – CETА), кој го отфрли Валонија, бидејќи уште нема договор со оваа покраина, додека истовремено радиото Premiere објави дека властите на Брисел ја поддржале позицијата на споменатиот франкофон регион.

„Сојузната влада не е во позиција да ја потпише CETA. Сојузната влада, германската јазична заедница и Фландрија дадоа согласност, но Бриселскиот регион и франкофоната заедница не“, изјави белгискиот премиер Шарл Мишел на прес-конференцијата по средбата со челниците на јужната белгиска покраина Валонија.

Тоа го потврди и валонскиот премиер Пол Мањет: „Очигледно е дека во сегашните околности, не можеме да дадеме согласност“, изјави Мањет по средбата со претставниците на сојузната влада, пренесе AFP.

„Бриселците на средбата со премиерот имаа јасен став – нивната влада нема да даде мандат на министерот за надворешни работи за потпишување на CETA“, изјавил претходно за радиото Premiere член на делегацијата на федералната единица Брисел. Притоа, во извештајот на радиото се истакнува дека извршните власти на Валонија и на Брисел немаат единствен став во врска со CETA. За измените на текстот од спогодбата и во Валонија и во Брисел за залагале опозициските партии предводени од социјалистите.

Челникот на Социјалистичката партија на Валонија, Елио Ди Рупо, изјави „сакаме напредок, кој ќе го анализираат адвокатските канцеларии и експертите, и сето тоа, според мене, ќе трае со седмици“. Спикерот на парламентот на Валонија, Андре Антоан, од своја страна во понеделникот изјави дека „нема да биде возможно да се запази ултиматумот“ од ЕУ.

Белгија ја сочинуваат неколку федерални ентитети: трите региони Фландрија, Валонија и регионот на главниот град Брисел, како и три јазични заедници – фламанска, француска и германска. Сојузната влада за потпишување на меѓународни договори треба да ја има согласноста на сите три ентитета. Кога Белгија потпишува некој меѓународен договор, секое од седумте избрани тела мора да го ратификува. Во случајот на CETA регионалните парламенти со месеци беа вклучени во процесот и по второто разгледување пратениците во Валонија го отфрлија.

Сложениот белгиски политички систем е во центарот на вниманието имајќи дека франкофонската Валонија е истрајна во блокадата на договорот CETA, а за кој се преговараше седум години. Парламентот на Валонија пред една седмица одби да ѝ даде согласност на сојузната влада за потпишување на договорот, барајќи дополнителна заштита за своите производи.

Малку пред изјавата на белгискиот премиер Мишел, Европската комисија објави дека нема ултиматум, ниту краен рок до кога белгискиот регион Валонија мора да одговори дали ќе го дозволи потпишувањето на договорот за слободна трговија со Канада.

„ЕК не користи ултиматуми и крајни рокови, Тона не е начинот на кој дејствува Комисијата на (претседателот Жан-Клод) Јункер“, изјави портпаролот на ЕК, Маргаритас Шинас.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во неделата изјави дека до понеделникот вечерта би сакал да има јасен одговор дали Белгија ќе даде согласност за потпишување на договорот CETA.

ЕУ ја повика во неделата Белгија да објави до понеделник навечер дали ќе го потпише договорот, бидејќи доколку таа не го потпише нема да се одржи Самитот за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада, предвиден во четврток во Брисел со присуство на канадскиот премиер Џастин Трудо.

Валонија е „разочарана“ од новиот предлог на Европската комисија за заштита на вложувањата, која би требало да ја примири оваа белгиска франкофонска област за да овозможи белгиското потпишување на договорот. „Предаден ни е разочарувачки документ и паралелни ни се дава ултиматум. Тоа зачудува. Ни се наметнува прашањето на со која цел. Тој документ нé чуди, бидејќи содржи и нуди значително помалку од договорите постигнати во петокот и саботата“, истакна во неделата вечерта за AFP близок соработник на шефот на валонската влада Пол Мањет. Мањет го одбива договорот CETA и со тоа ја спречува ЕУ да го прифати и смета дека таквиот ултиматум не е во согласност со демократските процеси.

Валонците тврдат дека не сакаат ваков договор и бараат за него повторно да се преговара. Истакнуваат дека договорот, во форма во којашто е сега, би ги нарушил социјалните и еколошките норми во ЕУ.

Планирано е договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада следниот вторник да го прифати Советот на ЕУ на состанокот на Луксембург, а на 27-ми октомври во Брисел на самитот во Брисел ЕУ и Канада, со присуство на канадскиот премиер Џастин Трудо, е планирано потпишувањето на договорот. Овој договор делумно би стапил на сила кога ќе го одобри Европскиот парламент, што е планирано до крајот на годинава. Меѓутоа, проблемите во Белгија во врска со нега може да го нарушат тој план.

За договорот CETA во целост да стапи на сила, треба да го ратификуваат парламентите на сите земји членки на ЕУ и на Канада.

Потпишувањето на CETA, кој го нарекуваат и „мал TTIP“ (Трансантлантското трговско и инвестициско партнерство, договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и САД, за кој уште се преговара и кој наидува на голем отпор во Европа, се одложува веќе две години. Според голем дел од европската јавност, како и дел од претставниците на малиот и средниот бизнис, договорите од ваков вид носат полза само за транснационалните корпорации.

Според Европската комисија, договорот меѓу ЕУ и Канада ќе отстрани околу 99 отсто од сите царински давачи. Притоа, се овозможува зголемување на квотите за набавка на млечни производи од страна на Унијата во Канада и канадско месо во земјите членки. Според оцените на експертите, CETA договорот ќе овозможи зголемување на обемот на меѓусебната трговија на 25,7 милијарди евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП