3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПриходите на IBM ги изненадија аналитичарите

Приходите на IBM ги изненадија аналитичарите

ibm-242

Американскиот технолошки концерн „International Business Machines“ (IBM) ги објави приходите за третиот квартал, кои се покажаа повисоки од очекуваното. Резултатот се должи на растот на „облачниот бизнис“ на компанијата и на оној за анализa на податоците, пренесува „Ројтерс“.

Под водство на главниот извршен директор Џини Ромети, технолошката компанија се насочи кон попрофитабилни области како „облачните услуги“, вештачката интелигенција, анализите на големите количини на податоци и безбедност, оддалечувајќи се од традиционалниот хардвер.

Приходите од овие нови области кои компанијата ги нарекува „стратешки императиви“, се зголемија за 16% до 8 милијарди долари во третиот квартал. Приходите од „облачните услуги“ скокнаа за 44%, во споредба со 30% раст во вториот квартал, објави „IBM“.

Сепак акциите на „IBM“, која го предвиде 18-тиот по ред квартал на контракција на приходите ја намалија својата вредност со 3,1% до 150,60 долари за време на берзанската трговија.

Генерално приходите се намалија малку до 19,23 милијарди долари во кварталот што заврши на 30-ти септември, од 19,28 милијарди долари, една година порано. Сепак тие ја надмина просечната прогноза на аналитичарите за 19 милијарди долари според податоците на „Thomson Reuters I/B/E/S“.

Нето добивката е намалена до 2,85 милијарди долари, или 2,98 долари по акција, од 2,95 милијарди долари, или 3,01 долари по акција.

Како се изземат одредени еднократни ефекти, „IBM“ има заработено по 3,29 долари по акција, надминувајќи ја средната оценка на аналитичарите за 3,23 долари по акција.

Компанијата изврши серија на превземања, фокусирани на нејзините нови стратешки области, вклучувајќи го купувањето на „Weather Company“ и „Truven Health“. Од почетокот на оваа година компанијата има инвестирано 5,45 милијарди долари во слични потфати. За споредба, во истиот период минатата година сумата била 821 милиони долари.

Бруто оперативната маргина се намали за 2,1 процентни поени до 48% во кварталот, во резултат од поголемите инвестиции на компанијата во бизнисот со „облачни услуги“ и нејзиното насочување кон услугите на претплата.

„IBM“ ја задржи својата прогноза за годишниот приспособен профит во износ од најмалку 13,50 долари по акција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП