5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата овозможува нови 1.800 вработувања од социјални семејства

Владата овозможува нови 1.800 вработувања од социјални семејства

vlada1

Владата со нова мерка ќе поддржи 1.800 нови вработувања на млади лица од социјално ранливи семејства. Огласите ќе се објавуваат од наредниот месец на секои два месеца, а вработувањата ќе се реализираат кај работодавачи кои ќе поднесат барање до Агенцијата за вработување.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев претставувајќи ја новата мерка рече дека за нејзина реализација, што предвидува вработувања од 1.500 до 1.800  лица на возраст од 19 до 29 години, Владата ќе одвои три милиони евра во првите три години од имплементацијата. Субвенцијата работодавачот ќе ја добива во период од шест месеци со обврска лицето кое е вработено преку оваа мерка да го задржи уште дополнителни шест месеци. Поддршката за работодавачот изнесува 14.000 денари за задоволување на бруто платата и дополнителни 3.000 денари за работодавачот кои ќе бидат искористени за доквалификации на вработеното лице.

Приоритет за поддршка при субвенционирањето на вработувањето, како што додаде Ѓорѓиев, ќе имаат лицата кои во текот на оформувањето на своето средно образование го користеле Условниот паричен трансфер што го овозможувала Владата во висина од 12.000 денари на годишно ниво, но програмата ќе важи и за оние кои не го користеле трансферот. Нема да има ограничувања и во однос на степенот на образованието, ќе може да се пријават и лица со средно и со високо образование и ќе важи на територијата на целата држава, а  за нејзина имплементација ќе бидат задолжени подрачните канцеларии на Агенцијата за вработување и центрите за социјална работа.

Првиот оглас ќе се објави во првата половина на мај. На огласот сите заинтересирани работодавачи ќе може да ги пријават своите потреби за кадар. Работодавачот ќе може да аплицира ако ги има подмирено сите обврски кон државата. На огласот ќе аплицираат и лицата кои бараат работа, а се од оваа категорија. Агенцијата за вработување ќе направи адекватно поврзување на барањата на фирмите за нови вработувања преку оваа мерка со лицата кои аплицирале за работа, но и со лицата кои ги има во својата евиденција во однос на оваа целна група граѓани. Финалниот избор ќе биде оставен на фирмите работодавачи, по што ќе се уредат односите за вработување со договор меѓу Агенцијата, работодавачот и лицето кое се вработува.

– Ова е добра можност и конкретна поддршка за вработување на оваа категорија граѓани и добра поддршка за фирмите кои ќе може да користат државна помош за вработување нов кадар во првите шест месеци по вработувањето, рече владиниот портпарол и ги повикува и работодавачите и лицата кои што бараат работа да ја искористат можноста што ќе биде во интерес на целото општество.

Посочувајќи дека ова е надополнување на Оперативниот план за активни мерки за вработување, кој беше промовиран претходно, рече дека заедно со денешната ќе овозможи поддршка на над 10.000 вработувања.

Тој потенцира дека и во идниот период Владата ќе продолжи да спроведува мерки и активности за зголемување на вработувањето. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП