11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа светските берзи внимателно поради Кина и деловните резултати на компаниите

На светските берзи внимателно поради Кина и деловните резултати на компаниите

берзи-азиски-европски-berzi-aziski-evropski

На светските берзи изминатата седмица се тргуваше претпазливо, бидејќи вложувачите беа загрижени од сигналите за слабоста на кинеската економија, додека деловните резултати на компаниите не се импресивни.

На европските берзи, исто така, изминатата седмица се тргуваше внимателно. Лондонскиот индекс FTSE ослабе за 0,45 отсто, на 7.013 поени, додека, пак, франкфуртскиот DAX индекс зајакна за 0,85 проценти, на 10.580 поени, а парискиот индекс CAC скокна за 0,47 отсто, на 4.470 индексни поени.

На токиската берза индексот Nikkei минатата трговска недела остана речиси непроменет, на 16.856 индексни поени.

На њујоршки Волстрит минатата седмица индексот Dow Jones падна за 0,6 отсто, на 18.138 поени, S&P 500 индексот се лизна за 1,0 проценти, 2.132 поени, а Nasdaq индексот се намали за 1,5 отсто, на 5.214 индексни поени.

Падот на главните американски индекси втора седмица по ред е последица, меѓу другото, и загриженоста на инвеститорите поради слабостите на кинеската економија. Во септември кинескиот извоз потонал за 10 отсто во однос на истиот период минатата година, што претставува поголем пад отколку што се очекуваше и укажува на слабоста на глобалната побарувачка.

Увозот на Кина, исто така, неочекувано паднал, и тоа за 1,9 отсто, што, пак, укажува на слабоста на домашната побарувачка и навестува можно забавување на растот на втората според обемот светска економија.

Ниту почетокот од сезоната на објавувањето на кварталните деловни резултат на компаниите не беше импресивен. Откако 34 компании од составот на S&P 500 индексот ги објавија извештаите, аналитичарите во анкетата Reuters проценуваат дека во изминатото тримесечје заработките на компаниите паднале за 0,4 отсто во однос на истиот минатогодишен период.

Тоа, сепак, е малку подобро отколку што се очекуваше, имајќи предвид дека пред една седмица аналитичарите проценуваа дека заработките ќе паднат за 0,7 отсто, меѓутоа ниту тоа не може воопшто да дејствува поттикнувачки врз пазарите.

Вложувачите се надеваат дека финансиските извештаи на компаниите ќе покажат дека заработките пораснале првпат по четирите квартали пад, што би го оправдало високите нивоа на цените на акциите.

Тие, исто така, се претпазливи и поради претседателските избори во САД на 8-ми ноември, но и од сé поголемата веројатност дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) до крајот на годинава ќе ги зголеми клучните каматни стапки, што не е поволно за пазарите на капиталот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП