1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ сака да го провери договорот за „Турски поток“

ЕУ сака да го провери договорот за „Турски поток“

gasoee

Европската унија (ЕУ) е подготвена да разговара за изградбата на „Турски поток“ и притоа да ги разгледа деталите за договорот за руско-турскиот проект. Тоа го изјавил за телевизијата „Россия 24“ амбасадорот на ЕУ во Русија, Вигаудас Ушацкас, пренесува руската новинска агенција „ТАСС“.

„Никогаш не велиме „не“, секогаш сме отворени за дискусија на различни варијанти, но врз основа на тоа колку тие одговараат на интересите на ЕУ. Тука ќе донесеме одлука, кога имаме јасен поглед и податоци во овој договор, земајќи во предвид дека има и други проекти кои се водат и се поддржани од ЕУ“, забележува Ушацкас.

Европскиот претставник нагласува дека разгледувањето на ова прашање е веќе започнато.

Вчера во Истанбул се сретнаа рускиот министер за енергетика Александар Новак и еврокомесарот за енергетскиот унија на ЕУ, Марони Шефчович. Тие разговараа за оваа тема, иако не темелно, бидејќи се уште не е позната содржината на договорот за „Турски поток“ меѓу Москва и Анкара.

Новак изјави претходно дека без гаранции од Европа може да се зборува само за изградба на првата линија на „Турски тек“, што се гради исклучиво за турските корисници за разлика од втората, која е наменета за корисниците во Југоисточна Европа.

Истовремено руски експерти, цитирани од „ТАСС“, коментираат дека меѓувладиниот договор за „Турски поток“ е политички и правен почеток на проектот, кој порано беше под знак прашање.

Гасоводот ќе овозможи не само да бидат зголемени испораките на руски гас за Турција, но и да биде пренасочено дел од горивото, кое во моментов поминува транзит преку Украина и балканските земји.

И иако втората линија на гасоводот, која гас треба да испорачува во Јужна Европа, покренува многу повеќе прашања отколку првата, во случај на негова имплементација пред руските гасни извозници се откриваат широки перспективи, убедени се аналитичарите.

Според експертите по спроведувањето на проектот транзитот на гас кој поминува низ Украина, Романија и Бугарија, ќе биде запрен, а на турскиот пазар на тој гасовод ќе одат до 14 милијарди кубни метри руски гас годишно во зависност од конјуктурата.

По трансбалканскиот гасовод низ Украина поминува околу една четвртина од целиот руски гас, кој се извезува за Европа.

Судбината на втората линија на „Турски поток“ ќе зависи од бројни фактори. Прво е поврзано со потребата на Европејците од гас, со резултатот од преговорите меѓу Русија и ЕУ, а исто така од изгледите за развој на турската економија.

Според руските експерти Европа е изложена на огромен притисок од САД во врска со развојот на соработката со Русија, воопшто и особено во гасната област.

Истовремено според руските аналитичари Турција може да стане транзитен центар на гас за Европа, но не на гас од каспискиот регион. За во иднина може да се размислува за изградба на гасен центар на границата меѓу Грција и Турција, од каде да почне транзитот на суровината за Европа, ако се изгради втората цевка на „Турски поток“.

До истиот центар би требало да дојде и азербејџанскиот гас преку „Јужниот гасен коридор“, кој е поддржан од ЕК.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП