5 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба „Состојби“ на Славица Јанешлиева во Мала станица

Изложба „Состојби“ на Славица Јанешлиева во Мала станица

slavica

Самостојна изложба насловена „Состојби“ на Славица Јанешлиева ќе биде отворена денес вечер во мултимедијалниот центар Мала станица.

Во најновиот проект Јанешлиева со за неа препознатлив директен и симболичен критички јазик се осврнува на контроверзните појави во општеството на глобално и локално ниво. Реакциите, дилемите и ставовите кои се однесуваат на актуелните теми и состојби што го креираат секојдневното (не)функционирање на општеството, авторката ги пренесува преку објекти во кои во специфичен наративен манир дава свои коментари за состојбите.

Користејќи предмети кои имаат секојдневна употреба, Јанешлиева со извесни интервенции им го менува значењето, со што тие стануваат знаковни носители на повеќе асоцијативни пораки, без оглед дали тие се однесуваат на проблеми кои се политички, социјални, образовни итн., или пак се начин на кој се гледаме себеси во огледалата кои ја деформираат сликата за реалноста.

Славица Јанешлиева Бачварска е родена 1973 година во Скопје. Во 1996 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во класата на проф. Зоран Јакимовски. Во 1998 магистрирала на истиот факултет, под менторство на проф. Димитар Малиданов. Од 2006 работи на Катедра по графика, на Факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во 2016 година избрана е во звањето редовен професор. Од 2008-2010 продекан на ФЛУ. Досега реализирала вкупно 23 самостојни изложби во Скопје, Битола, Гевгелија, Велес, Струмица, Куманово, Кавадарци, Босвил (Швајцарија), Братислава (Словачка), Утрехт (Холандија), Њујорк (САД). Учествувала на околу 200 групни меѓународни и национални претставувања низ целиот свет, како реузултат на селекции од меѓународни жири комисии, како и кураторски селекции.

Добитник е на тринаесет награди, од кои три се меѓународни. Нејзините дела се наоѓаат во колекциите на 17 музеи и галерии во Македонија, Србија, Полска, Фанција, Унгарија, Романија, Белгија, Финска, САД, Јапонија и Италија. Учесник е на бројни работилници, конференции, колонии и симпозиуми, автор и соработник на пет уметничко истражувачки проекти, како и куратор/кокуратор на осум изложби.

Изложбата ќе биде отворена до 24.10.2016 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП