Данокот на финансиските трансакции, на кој десет земји од ЕУ преговараат со месеци, нема да биде факт барем до 2018-та година. Тоа соопштија министрите за финансии на Германија и Шпанија – Волфганг Шојбле и Луис де Гиндос, цитирани од Франс прес.
„Ако работите се одвиваат навистина брзо, тогаш 1-ви јануари 2018-та година е прифатлив датум“, рече Шојбле.
Оваа гледна точка беше споделена и од шпанскиот колега Де Гиндос, според кого данокот нема да биде спроведен во пракса пред 1-ви јануари 2018-та година.
Земјите би можеле да се договорат до крајот на годината, според зборовите на Шојбле.
Австрија, Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Португалија, Словачка, Словенија и Шпанија водат преговори за данокот веќе речиси три години. Во еден момент планираа да започнат неговото воведување во оваа година.
Нивните финансиски министри се сретнаа синоќа, за да го проценат техничкиот напредок постигнат од јуни. Тогаш австрискиот министер за финансии Ханс Јерг Шелинг предупреди дека тие треба да си поставуваат за цел да постигнат договор до септември или целосно да се откажат од проектот.
Утринава сепак еврокомесарот за економски и монетарни прашања, Пјер Московичи рече во Луксембург дека вчера министрите постигнале „многу важен напредок“.
Тие се договориле по четири важни мерки кои ќе го обликуваат јадрото на овој данок, посочи еврокомесарот, додавајќи дека претстои неговиот кабинет да подготви проект за соодветната регулација.
Земјите се согласија за основата, истакна Шојбле. „До крајот на годината сакаме да имаме одлука“, додаде тој, истакнувајќи дека потоа данокот би можел да биде воведен најрано во 2018-та година.
Идејата за воведување на данок на финансиските трансакции во ЕУ одамна тесна и не може да собере поддршка меѓу 28-те членки на блокот. Десетте земји кои го поддржуваат данокот, ја користат постапка позната како подобрена соработка.