Грција ги исполни сите преостанати услови неопходни за добивање на новите спасувачки кредити наменети за подигнување на ослабената грчка економија, вели Пјер Московиси.
„Грција заврши со фазите кои се неопходни за исплата на дополнителните 2,8 милијарди евра“, изјави европскиот комесар за економски прашања Пјер Московиси, пренесува американската агенција АП.
Официјална Атина, како што вели, оствари добар напредок, и сега сите 15 услови се исполнети.
Московиси го изјави тоа по доаѓањето во Луксембург, каде останатите министри за финансии од еврозоната би требало да информираат за напредокот на Грција во имплементацијата на реформите.
Тој наведе дека и министрите веројатно во текот на денот ќе ја одобрат исплатата на траншата за Атина.