Германскиот извоз се зголемил посилно од очекувањата во август, запишувајќи го најсилниот раст по повеќе од шест години, пренесе „Ројтерс“. Податоците ги негираа стравувањата дека најголемата европска економија се насочува кон забавување на растот.
Извозот е зголемен за 5,4% во август по корекцијата во однос на сезонските фактори, што е најсилното зголемување од мај 2010-та година, покажуваат податоците на Федералното биро за статистика, објавени денеска. Истовремено увозот е зголемен за 3,0%.
Податоците покажуваат дека извозот, кој во последно време слабееше и ја губеше традиционалната улога на главен мотор на растот во Германија, ќе придонесе за очекуваното проширување на економијата во третиот квартал.
Аналитичарите го објаснуваат растот на извозот со подобрувањето на економските услови во Кина, но предупредуваат дека светската трговија останува слаба и ризиците се високи, особено оние поврзани со евентуално „цврсто“ излегување на Британија од Европската унија.
Слабите податоци во јули ја покренаа загриженост дали германската економија нема да забави во третиот квартал. Овие стравувања сепак во голема мера беа ограничени од позитивните податоци од последните недели.
Индустриското производство се зголеми посилно од очекувањата во август, запишувајќи го најсилниот раст од јануари.
Владата ја зголеми прогнозата за економскиот раст на земјата во оваа година до 1,8 отсто од 1,7%, што би било најсилниот раст по половина деценија.
Анкета на „Ројтерс“ од страна на аналитичарите посочуваше дека извозот се очекува да порасне за 2,2%, а увозот за 0,7%.
Скокот на извозот го зголеми сезонски изменетиот трговски суфицит до 22,2 милијарди евра од 19,4 милијарди евра во јули. Податоците ја надминуваат просечната прогноза на аналитичарите анкетирани од агенцијата за вишок од 20 милијарди евра.