Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) нема да се приклучи на грчката програма за спасување, но најверојатно ќе прифати специјален статус на советник со ограничени овластувања, co коj ќе си го задржат местото на масата за преговори, пренесоа агенциите, повикувајќи се на два извори.
Повеќе од една година ММФ се уште ги нема утврдено условите под кои би се придружила на каква и да е нова програма за спасување на грчката економија. Фондот веќе рече дека финансиските цели утврдени и во европскиот спасувачки план за Грција, се нереални, ако нема значително олеснување на грчкиот долг.
Новата улога на ММФ ќе биде повеќе од советничка, но тоа нема да одговара на строгите услови, како што се проверки за состојбата на грчката економија на секои три месеци, изјави еден од изворите, цитиран од агенциите.
Преговорите меѓу Грција, нејзините европски кредитори и ММФ се во ќорсокак откако германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле инсистираше ММФ да учествува во спасувачкиот план, но ги отфрли повиците на директорот на Фондот, Кристин Лагард за реструктуирање на големите долгови.
ММФ нема да вложи повеќе пари во спасувачката програма за Грција, но нема и да биде само технички советник. Фондот веројатно ќе има посебна улога на консултант, која ќе биде создадена специјално за грчкиот план за спас, вели вториот извор.
Грчки претставници и претставниците на ММФ разговарале на есенската средба на фондот во Вашингтон за специјалниот статус во грчкиот план за спас. Слично нешто се поддржува од грчката страна.
И покрај промената во улогата на ММФ, грчките претставници веруваат дека ќе им биде од корист да имаат некој кој ќе ги поддржува за реструктуирање на долгот во текот на преговорите.