22 јуни, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочина полскиот режисер Анджеј Вајда

Почина полскиот режисер Анджеј Вајда

vajda

Славниот полски режисер Анджеј Вајда починал во неделата вечерта на 90-годишна возраст, јави полската национална телевизија.

Вајда починал од блокада на работата на белите дробови, откако пред неколку денови бил хоспитализиран. „Во последно време режисерот боледуваше. Пред неколку дена беше префрлен во болница. Се надевавме, дека ќе излезе“, изјави за телевизијата TVN-24, сценаристот и режисер Јацек Бромски.

Почит на славниот режисер му оддаде полскиот претседател Анджеј Дуда. „Почина Анджеј Вајда, извонредниот полски режисер, лауреат на Оскар. Вечна му слава“, напиша Дуда на својот официјален микроблог на Twitter.

Кон крајот на септември на филмски фестивал беше премиерно прикажан најновиот филм на Вајда „Powidok“ (Afterimage), посветен на последните години од животот на уметникот Владислав Стржемински, пионерот на полската авангарда од периодот од 1920/1930-те години. Режисерот лично ја прими специјалната награда на жирито. Подоцна беше објавено дека овој филм Полскиот институт за филмска уметност го кандидира за наградата Оскар во номинациите за Најдобар филм од неанглиско јазично подрачје.

Андежј Вајда се прослави со трилогијата филмови „Поколение“ (1955 година) за созревањето на момче во воени услови, „Канал“ (1956) чиешто дејствие се одвива во времена Варшавското востание од 1944 година, кое претставува и негов прв голем успех и за кој добива специјална награда на фестивалот во Кан во 1957 година, и „Пепел и дијаманти“ за избувнувањето на судирот во Полска по Втората светска војна.

Како режисер, сценарист и продуцент имаше забележителен успех со екранизацијата на романите на руските класици, како „Сибирската леди Магбет“, според Лесков, „Беси“ од Достоевски и „Пилат и другите“ според Булгаков. Покрај тоа, поставува и околу 40 претстави во театри ширум светот, поради што е и лауреат на италијанската театарска награда која го носи името на Луиџи Пирандело.

Потоа следуваа „Човекот од мермер“ за социјалистичкиот „херој на трудот“ од 1950-те, “Човекот од железо“ за штрајковите во Полска од 1980 година, како и „Катин“ за ликвидацијата на илјадниците полски офицери и интелектуалци во сталиновите и нацистичките чистки во Втората светска војна на територијата на тогашниот Советски сојуз и „Валенса, човекот од надеж“, за Лех Валенса водачот на синдикатот „Солидарност“ кој се смета за покренувач на штрајковите кои доведоа до падот на комунизмот во Полска а подоцна стана и претседател на државата. Од тој опус се и филмовите „Без анестезија“ и „Дантон“.

Секогаш политички ангажиран, Вајда на своевиден начин во своите филмови ја испишуваше историјата на Полска во втората половина од XX век. Критичарите честопати го нарекуваа „таткото на полскиот филм“ и „совеста на полскиот народ“.

Во 1981 година ја доби наградата Златна палма на фестивалот во Кан за „Човекот од железо“, и во 1982 година на француската награда Сезар, а во 2000 година и Оскарот за истакнат придонес во филмската уметност. За своето творештво освои голем број награди и признанија на најзначајните филмски фестивали како Кан, Венеција и Берлин.

Анджеј Вајда е роден на 6-ти март 1926 година во Сувалки. Беговиот татко Јакуб бил офицер во полската армија и е убиен во Катин. Семејната традиција наложувала Анджеј да стане офицер, но тој прво се запишал на Академијата за ликовни уметности во Краков, а подоцна и во Вишата шола за филм во Лоѓ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП