7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВелика Британија ќе продолжи со продажба на акции од Lloyds

Велика Британија ќе продолжи со продажба на акции од Lloyds

lloyds-vb33

Владата на Велика Британија ќе продолжи со продажба на државниот удел во „Lloyds Banking Group“, кој се здоби за време на глобалната финансиска криза, за да ја спаси банката, пишува британскиот весник „Telegraph“.

Министерот за финансии на земјата Филип Хамонд соопшти нов план за продажба на државниот удел во доверителот кој се проценува на вредност 3,6 милијарди фунти. Тој предвидува продажбата да се одвива во фази во текот на следните 12 месеци.

„Враќањето на „Lloyds“ во приватни раце е во интерес на банката, даночните обврзници и на земјата како целина“, коментира Хамонд на маргините на годишната средба на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон.

Во моментов делот на британската влада во банката е малку над 9 отсто или 6,5 милијарди акции, потсетува весникот. Акциите беа стекнати во 2009-та година, а од 2013-та година периодично се продаваат пакети од нив, откако доверителот постепено почна да се опоравува од кризата.

Претходникот на Хамонд, Џорџ Озборн планираше да го продаде државниот удел во банката со добивка за даночните обврзници, односно да ги реализира со цена по акција од 73,6 пени, посочува весникот.

Акциите на банката сепак останаа под таа цел, речиси една година, поради што продажбата се забави. Дополнително процесот застана и поради референдумот за „Brexit“ и последователната промена на владата.

Хамонд се откажа од целната цена за акциите на „Lloyds“ уште со доаѓањето на владата.

До денес британското Министерство за финансии има реализирано речиси 17 милијарди фунти од продажбата на акции на банката. За да ја врати инвестираше 53 милијарди фунти, па така Лондон треба да постигне цена за акција од 53 пени, пресметува весникот.

Британската влада сепак се соочува со потешки проблеми да се ослободи од својот удел во „Royal Bank of Scotland“, кој е 73%, додава весникот. Банката беше спасена во 2008-ма година по цена за акција од 502 пени, а во моментов цената е 179,5 пени, односно се појави тешка загуба за даночните обврзници.

Затоа и Хамонд коментира дека барем во догледна иднина државниот удел во доверителот ќе биде стопиран.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП