13 мај, 2025
ПочетнаКУЛТУРАИзложбите „Пристапност“ и „Дизајн за достоинствен живот“ се отвараат во Дом на...

Изложбите „Пристапност“ и „Дизајн за достоинствен живот“ се отвараат во Дом на АРМ

pristapnost

Амбасадата на Шведска, во соработка со Шведскиот институт, во вторник, во изложбениот салон на Дом на АРМ со почеток во 19 часот свечено ги отвора изложбите „Пристапност” и „Дизајн за достоинствен живот”.

Низ објективите на фотографот Маркус Марчетич прикажани се фото портрети на 14 Швеѓани со посебни потреби, додека фотографот Томислав Георгиев ни портретира 11 Македонци. Нивните приказни раскажани се од Рикард Лагерберг и Небојша Илијевски. Заедно, овие 25 фото приказни ни ги презентираат предизвиците, но уште повеќе, успесите на лицата со посебни потреби во Шведска и во Македонија.
Изложбата „Дизајн за достоинствен живот” е сочинета од 22 производи – иновативни решенија наменети да им го олеснат животот на лицата со посебни потреби и нивните негуватели. Од екстра лесни колички и пристапни рампи, преку ИТ решенија и прилагодени друштвени игри, до специјално дизајнирани пакувања и прибор за јадење, оваа изложба има за цел да претстави постоечки иновативни решенија и инспирира нови.

Изложбите ќе може да се посетат на денот на отворањето и во наредните две недели, заклучно со 16 октомври.

Како локални партнери на амбасадата се јавуваат агенцијата „Холистик” која беше задолжена за продукцијата на македонскиот дел од изложбата како и Асоцијацијата „Дајте ни крилја” со која амбасадата ќе организира серија настани. Имено, на првиот Меѓународен конгрес на лицата со посебни потреби кој ќе се случува од 13 до 15 октомври во организација на оваа асоцијација, гости предавачи од Шведска ќе бидат Сара Шамлу и Пер Јохансон. На крајот на конгресот, вечерта на 15 октомври, ќе биде прикажан и шведскиот филм „Како да ги врзам врвките”. Затворањето на конгресот, пак, ќе биде со традиционалниот „Бал на различностите” кој ќе се случува на 16 октомври.

Со отварањето на изложбите, изложбениот простор и концертната сала на Домот на Армијата за првпат стануваат пристапни за лицата со посебни потреби, бидејќи токму таа вечер во употреба ќе биде ставена донираната пристапна рампа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП