Британскиот премиер Тереза Меј нареди да се преиспита практиката за ангажирање на работници и службеници во земјата, велејќи дека сака да бидат загарантирани и заштитени нивните работнички права во услови на променливи бизнис модели и на растечка тенденција кон флексибилно вработување или самовработување, пренесе „Ројтерс“.
Меј ја презема оваа ревизија во пресрет на редовната годишна конференција на владејачката Конзервативна партија, на која таа ќе се обиде да ја обедини земјата, длабоко поделена по јунскиот референдум на кој Британците со тесно мнозинство гласаа за излез од Европската унија.
„Ние градиме нов центар во британската политика и подобрувањето на безбедноста и правата на обичните луѓе што е клучен елемент од градењето на земјата и економијата во интерес на сите, а не само на привилегираното малцинство“, рече Меј во специјална изјава по тој повод.
Ревизијата треба да разјасни дали постојното трудово законодавство може да се справи со растечкиот број во земјата на „нестандардни форми на вработување“, како самовработување, привремена работа или договори за т.н. „нула работно време“, кои им нудат на вработените флексибилност , но не и гарантирана работа.
Меј додаде дека ќе ги сослуша и шкотските тежненија за британското излегување од Европската унија, но дека владата на автономна Шкотска нема да има право на вето на преговорите за „Брегзит“, додава „Ројтерс“.
Шкотска сака да биде информирана за деталите за плановите на владата во Лондон за излегувањето од ЕУ, со цел да се спречи „хард брегзит“, кој би и наштетил тешко на економијата на земјата.