13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Бела ноќ“ по 12-ти пат

„Бела ноќ“ по 12-ти пат

bela nok

Годинешново 12-то издание на манифестацијата „Бела ноќ“, што ќе се одржи во сабота, ќе биде со “по/концентрирана” програма, насочена низ неколку точки во градот.

Офицајално манифестацијата ќе биде отворена во 20:30 часот во Музејот на град Скопје, со Големата изложба на американски ПОП АРТ, што ќе биде распослана на три страни во градот, односно во Музејот на Град Скопје, Музејот на современа уметност и Младинскиот културен центар – МКЦ. Повеќе од 100 графички дела, од шесте култни: Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Џон Чемберлејн, Том Веселман и Џејмс Розенквист. Делата на поп-артистите пред сè упатуваат на потрошувачката култура, маркетингот и јавните гласила.

На Плоштадот Македонија, во 21 часот, француската спектакл трупа Кидам (Company des Quidams) ќе настапи со нејзиниот последен звучно-светлосен перформанс Горди на коњ, улична светлечка парада.

Кидам ја сочинуваат над дваесетина уметници од театарот, музиката, циркусот, и другите сценски изведувачки уметности…

Само 15 минути по завршувањето на настапот на Кидам, во 22 часот, ќе се одржи уште еден „уличен” театарски перформанс.

Од Полска, со 30 метарска арка која претходно ќе плови по скопските улици, трупата „Театарот на осмиот ден“ (TEATRU ÓSMEGO DNIA) во 22 часот, ќе вплови на Плоштадот Македонија.

Перформансот – именуван „Арка“, нè потсетува дека денес, сè уште живееме во доба на бегалци, скитници, номади, кои патуваат низ континентите и си ги затоплуваат душите со спомените од домот, без разлика дали тој дом е духовен и/или етички, небесен и/или географски, реален и/или пак имагинарен.

Во Младинскиот Културен Центар ќе се одржи концерт на култната белградска група Дисциплина кичме, по повод издавањето на новата плоча именувана „Опет“, швајцарските рокенрол/блуз/гараж херои Roy & the Devil’s Motorcycle; и македонскиот инструментален пост рок квартет, Khara.

Детскиот креативен центар при МКЦ, за време на Бела ноќ во времето од 17 до 20 часот ќе биде отворен за децата на посетителите кои ќе можат да присуствуваат на следниве активности:

Интервенција на простор „Боен амбиент“

Ќе бидат прикажани неколку интервенции во простор од етаблирани автори од почетоците на модерната уметност до денес. Ќе се работи со нетрадиционални материјали што ќе ни дозволат размислување во правец на конзумирање разни материјали, интерпретирајќи ги во интервенција со даден концепт.

Звукот како визуелна појава

За децата што се заинтересирани да го истражуваат звукот во визуелни појави, ќе бидат осмислени задачи со кои тие аудиодразбата ќе ја трансформираат во визуелен момент (цртеж, скулптура, абстрактен израз, движење и сл.).

DeSonanz – фестивалот кој го помниме по вечерите посветени на модерната музика и мултимедијална уметност во Скопје го започнуваат новото издание на фестивалот во рамките на оваа Бела Ноќ, во Денсинг салата на МКЦ со настап на Kumo / Jono Podmore и Amplidyne Effect & Ogie.

Во Џебното Кино на МКЦ најавуваме одличен перформанс на големите јапонски уметници Yoshio Machida и Maiko Date насловен Sound is Body, Body is Sound.

По само триседмичен „принуден одмор“, токму на 12-то издание на Белата ноќ, старото добро градско Кино Милениум се враќа на работа, како и секогаш, вообичаено, ветувајќи и исполнувајќи: редовен репертоар со најсвежи филмски наслови. За Белата ноќ ќе се одржува премиерата на македонскиот кандидат за Оскар, филмот „Ослободување на Скопје“. По официјалната премиера, ексклузивно, во договор со продуцентскиот тим на филмот, ВНИМАНИЕ, Бела ноќ согласно со традицијата ве чести целоноќно и утрински со бесплатни проекции на „Ослободување на Скопје“ од полноќ, 00:00 часот, 02:00, 04:00, и 06:00 часот. 
Билети за бесплатните проекции можете да си подигнете од билетарница на Кино Милениум, започнувајќи од петок, 30 септември, од 10:00 часот. Еден посетител може да подигне најмногу два билети.

Во Културно информативниот центар, ќе можете да ја погледнете изложбата на фотографии на словенечки автор Горан Берток, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ изложбата на фотографии на Ерина Богоева од Македонија.

Како и секоја година, така и оваа година, во рамките на БЕЛА НОЌ, граѓаните на град Скопје ќе имаат можност за бесплатно попладневно матине во Зоолошката градина.

Влезот е бесплатен од 12 до 18 часот.

Организатор на манифестацијата БЕЛА НОЌ е Младинскиот културен центар, а Градот Скопје, како покровител, за успешна реализација на оваа специфична ноќ исполнета со уметност и музика, од Буџетот за 2016 година одвои 3,5 милиони денари.

На денот на одржување на Бела ноќ, организиран е бесплатен транспорт со автобусите на ЈСП од 19 часот, на сите линии кон центарот на Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП