29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСТО: Големо намалување на прогнозираниот раст на светската трговија

СТО: Големо намалување на прогнозираниот раст на светската трговија

WTO-logo

Светската трговска организација (СТО) ја намали денес за повеќе од една третина прогнозата за трговскиот раст во оваа година, што е последица на забавувањето на економскиот напредок на Кина и падот на нивото на увоз во САД.

Новиот прогнозиран раст е 1,7 проценти, додека претходно прогнозираниот во април изнесуваше 2,8 проценти. Ова е за прв пат во последните 15 години меѓународната трговија да не го следи вкупниот раст на глобалната економија, наведува СТО.

Генералниот директор на СТО, Роберто Азеведо, изјави дека овој извештај е повик за будење упатен до владите.

„Треба да бидеме сигурни дека ова нема да резултира со погрешни политики, кои само ќе ја влошат ситуацијата, не само од перспектива на трговијата туку и за отворањето на работни места и економски раст, кои се блиску поврзани со отворениот трговски систем“, изјави Азеведо во шестмесечниот извештај.

Во документот се напоменува дека, по долгогодишниот раст преку глобализација и потпирање на глобалната трговија, владите се повеќе се обидуваат да ги заштитат своите индустрии во периодите на економски тешкотии и дека економиите се повеќе се засновани на домашната потрошувачка.

Иако државите ги отфрлаат наводите за протекционизам, трговијата повеќе не го надминува економскиот раст, како што некогаш го надминуваше. Трговијата растеше 1,5 пати побрзо од бруто домашниот производ во долг период, а во текот на деведесетите тој однос беше и двојно поголем во корист на трговијата.

Оваа година, трговијата ќе порасне само до 80 проценти од нивото на раст на глобалната економија, наведува СТО, што се случува за прв пат од 2001 година, и дури втор пат од 1982 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП