27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали пазарите online? Електронските продавници нудат пониски цени и поголем избор!

Дали пазарите online? Електронските продавници нудат пониски цени и поголем избор!

online

Речиси 18% од македонските граѓани барем еднаш пазареле преку интернет. Online трговијата полека зема замав, но Македонија е се уште далеку зад просекот во Европа. Проблемот е во недоволната информираност, стравот од злоупотреби и тешкото менување на навиките.

Се зголемува бројот на електронски продавници

Само неколку клика на интернет и бараниот производ стигнува на вашата домашна адреса. Наместо да се губи непотребно време и пари да се стигне до објектот каде се наоѓа одреден производ или услуга, електронските продавници на едно место нудат се што е потребно.

Сепак, Македонците многу малку ги користат ваквите можности. Ова е резултат и на малиот број електронски продавници, ги има нешто над 30.

Според оние кои се нафатиле на ваков бизнис клучен проблем е малиот пазар кој значи и ограничена побарувачка, но и ниската свеста на граѓаните за предностите на електронската трговија.

„Кај физичка продавница трошоците се многу поголеми, има кирии кои зависат од локациите, трошоци за сметки, за комуналии… Кај интернет продавниците контактот со купувачите е поефикасен, директно се насочуваат кон самиот производ“ објаснува маркетинг менаџер во една македонска online продавница.

Веројатно најдобро работат сајтовите за групни попусти кои нудат производи и услуги намалени од 50% до 90%. Анализите што ги прават овие трговци покажуваат дека тие се најпопуларни кај луѓето на возраст од 20 до 35 години, но се почесто и повозрасните се одлучувале да купуваат електронски.

„Безбедноста на податоците на корисникот е гарантирана. Системот на електронската продавница функционира на тој начин што ниту еден податок не се зачувува, бидејќи страната каде се внесуваат податоците е директна страна на банката…Секоја продавница мора да има регистрирано фирма за да може да направи договор со банката за воспоставување на вирутелен пост терминал преку кој се врши наплатата“ објаснува менаџер за продажба во продавница за групни попусти.

Сепак, домашните компании не можат да им конкурираат на светските гиганти особено за производите од широка потрошувачка. Македонците пазарат од Аmazon, АliЕxpress, Аsos и други глобално популарни сајтови.

Но, ако на евтините производи се додаде цената на поштенските услуги преку брза авионска пошта тие на крајот можат да чинат и до 30 пати повеќе. Поради тоа купувачите најчесто се одлучуваат за обична копнена пошта, пат кој чини по евро до две, во некои случаи и бесплатно, но пратките патуваат и до два месеца.

„Најголем дел од пратките од меѓународен поштенски сообраќај пристигнуваат од Кина, но Кина ги испраќа преку други држави и поради тоа има доцнење на пратките. Штом поштенските пратки ќе влезат на територијата на Република Македонија веднаш се доставуваат“ објаснуваат од Македонски Пошти.

За нарачките над 45 евра се плаќа и царина, па ако купувате повеќе производи под оваа сума подобро е да направите повеќе поединечни нарачки.

17.6% од Македонците барем еднаш купиле нешто online

66.1% од домаќинствата во Македонија имале пристап до интернет во првиот квартал од 2015-та, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Според нив, од оние кои користат интернет, 17.6% барем еднаш купиле нешто online, а 10.4% тоа го направиле во последните 3 месеци.

Статистичарите пресметале дека најчесто се пазари облека и обувки (66.9% од купувачите), потоа билети и влезници (16.8%), уплати за хотелско и друго сместување (16.5%), како и книги и списанија (15.6%).

Според ДЗС Македонците најмногу пазарат од продавници надвор од Европа (56.2% од купувачите), потоа од Македонија (47.1%), па од остатокот од Европа (36.3%).

Од друга страна Македонците и продаваат на интернет. 5% од граѓаните понудиле производи и услуги online, во продавница или на аукција преку сервисите како ebay.

Обединетите нации (ООН) ја рангираат Македонија на 41 место во светот според користењето на новите технологии во трговијата. Во извештајот „Информациска економија 2015“ стои дека речиси 64% од Македонците имаат интернет пристап, а 16.5% кредитни картички со опција за online плаќање, но само 5.4 редовно купуваат нешто на овој начин.

Според ООН ваквиот начин на пазарење е најразвиен во Европа односно во Луксембург, Норвешка и Финска, а најнеразвиен во Африка, речиси на целиот континент.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП