22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОУ „Кирил и Методиј“ во Скопје добива училишна спортска сала

ОУ „Кирил и Методиј“ во Скопје добива училишна спортска сала

кириле

Основното училиште „Кирил и Методиј“ во центарот на Скопје до мај 2017 година треба да добие училишна спортска сала, а во изградбата која е почната, вложени се 32 милиони денари од буџетот на Министерството за образование и наука.

Локацијата денеска ја посетија заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој изјави дека изградбата на салата е ветување од нивната програма.

„Основното училиште „Кирил и Методиј“ досега никогаш немало спортска сала, а се работи за училиште кое има многу ученици, кое е во самиот центар на Скопје и во кое гравитираат ученици од целиот град, некои што живеат во околината, а некои чии родители работат во околината. Така што, сериозно недостасуваше ваков објект, и го имавме ветено во нашата програма на изборите. Имавме намера да го започнеме и порано, но се појавија некои проблеми кои ги надминавме и сега градбата е започната. До мај следната година треба да биде завршено. Во него се инвестираат 32 милиони денари“, изјави Груевски.

Тој соопшти дека до сега се завршени 94 спортски сали преку Министерството за образование и наука и Агенцијата за млади и спорт. Две сали се речиси готови, а уште три до четири се очекуваат до крајот на годинава, со што ќе бидат вкупно сто изградени спортски сали.

„До крајот на годината ќе се заокружи на 100 бројката од спортски сали завршени, изградени и пуштени во употреба. Веќе наредната година очекуваме да бидат повеќе од 110“, рече истакна Груевски.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски очекува максимална искористеност на овие објекти како резултат на вложувањето во спортската инфраструктура, но и со новите мерки во областа на спортот кои беа најавени минатата недела.

„Покрај тоа, со физичката активност значително ќе се подобри и здравствената состојба кај учениците бидејќи сме сведоци дека со развој на технологијата децата помалку го посветуваат времето на спортски активности“, изјави Ристовски.

Инаку, ОУ „Кирил и Методиј“ е едно од двете основни училишта во Македонија (заедно со ОУ „Браќа Миладиновци“ во Аеродром) каде што четврта учебна година се спроведува меѓународната ИБ-програма.

„Програмата се одвива одлично, училиштето целосно го има прифатено концептот. Сега и со завршувањето на овој спортски објект, ќе ги има сите предуслови за апликација за комплетна дозвола од ИБ од Швајцарија. Ако биде се како што треба, ова ќе биде првото комплетно лиценцирано училиште во Република Македонија кое ќе работи по ИБ-стандардите и првите излезни резултати ќе ги добиеме со тоа што тие ученици ќе се вклучат во средно училиште. А за таму имаме нови планови за овозможување континуитет на ИБ-програмата“, истакна Ристовски, додавајќи дека од примената на ИБ е задоволен и во другото училиште – ОУ „Браќа Миладиновци“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП