27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако до бесплатна реклама и подобрен имиџ? Со општествена одговорност!

Како до бесплатна реклама и подобрен имиџ? Со општествена одговорност!

zelen

Бесплатна реклама, подобар имиџ, поголема продуктивност – ова се дел од придобивките на општествено одговорните компании. Сепак, во Македонија најголем дел од бизнисмените не размислуваат во оваа насока иако свеста полека се менува.

Што е општествена одговорност?

Општествена одговорност на претпријатијата претставува збир на сите економски, правни и етички очекувања што општеството ги има кон претпријатијата односно претставува одговорност на претпријатието за влијанието на неговите одлуки и активности врз вработените, општеството и животната средина.

За едно претпријатие да се смета за општествено одговорно треба да исполнува повеќе критериуми: етичко однесување кон вработените, почитување на интерните кодекси, правила и законот, запазување на принципите на здравје и сигурност, безбедност на производи, заштита на потрошувачите, примена на одговорни деловни практики, ангажирање во заедницата, филантропски активности, добротворни донации, волонтерство, социјални бенефиции, еднакви можности за вработените, можности за обука и напредување во кариерата, избегнување на правење отпад и загадување, еко ефикасност, произведување производи за рециклирање, обезбедување на одржливост, контрола на емисиите на гасови, активности за спречување на континуирано намалување на одредени ресурси.

Во Македонија општествената одговорност како практика почнува пред 10-тина години, а во 2007 година е формирано и Национално тело за општествена одговорност кое секоја година доделува награди за општествено одговорни компании во повеќе категории.

Позитивни ефекти и за компаниите и за средината

Од општествената одговорност придобивки имаат и компаниите и средината.

За фирмите тоа е: подобрен бренд, имиџ и углед, зголемена продажба и лојалност на клиентите, поголема продуктивност и квалитет, повеќе способност да се привлечат и задржат вработените.

За пошироката јавност тоа е: безбедност на производите и заштита на потрошувачите, еколошки бенефиции, поголема употреба на обновливите извори на енергија, донаторски и волонтерски активности.

Компаниите донираат 10 милиони евра годишно

Македонските фирми просечно издвојуваат нешто над 10 милиони евра годишно за хуманитарни акции и донации. За тој износ се ослободени од плаќање данок. Податоци за парите што ги трошат за другите сегменти од општествената одговорност нема.

Сепак, свеста полека се менува. Доказ за тоа е реакцијата на голем дел од компаниите по августовските поплави кои се вклучија со акциите на црвениот крст преку донирање на пари, на производи, па дури и отстапување на дел од своите вработени да помогнат во погодените подрачја.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП