5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкок на Волстрит по одлуката на Fed да ги задржи ниски каматите

Скок на Волстрит по одлуката на Fed да ги задржи ниски каматите

wall stret3

На Волстрит во средата цените на акциите добија замав по одлуката на американската централна банка Federal Reserve (Fed) да ги задржи каматните стапки на сегашните нивоа, оставајќи го засега недопрено опкружувањето на ниските камати кои му одат во прилог на овој пазар.

Њујоршкиот Dow Jones индекс порасна за 0,9 отсто, на 18.293 поени, а индексот S&P 500 за 1,09 проценти, на 2.163 поени, додека технолошкиот Nasdaq индекс го достигна новото рекордно ниво од 5.295 индексни поени, зајакнувајќи за 1,03 отсто во однос на вторникот.

Функционерите на Fed на своето редовно заседание во средата одлучија да ги задржат каматните стапки на прекуноќните позајмувања на банките меѓу 0,25 и 0,5 отсто, на ниво на кое се наоѓаат до ланскиот декември, но силно сигнализираа дека до крајот на годината би можеле да ја заострат монетарната политика доколку продолжи подобрувањето на ситуацијата на американскиот пазар на труд.

Учесниците на пазарот и онака не очекуваа дека Fed веќе во септември ќе ги подигне каматните стапки, пред самото заседание на гувернерите даваа само 18 отсто шанси за таквиот потег.

„Во мислите на сите имаше некое мало сомневање дека Fed можеби може да ги подигне каматните стапки и сега тоа се разјасни… инвеститорите чувствуваат дека можат парите да ги влеат во акции. Покрај одлуката на јапонската централна банка да ги зајакне мерките за поттикнување на инфлацијата, на пазарите на акциите оди сосема добро“, оценува Питер Туз претседател на управата на „Chase Investment Counsel“ од Вирџинија.

Јапонската централна банка Bank of Japan (BoJ) во средата одлучи да воведе поттикнување на целните каматни стапки на државните обврзници за да го поттикне растот на инфлацијата, по повеќегодишното печатење пари со коешто не успеа да ја извлече третата по обемот светска економија од десет години долгата стагнација.

На Волстрит сите десет главни сектори на акции остварија раст на цените, при што најмногу поскапеа акциите на енергетските компании, во просек за 2,1 отсто.

Околу 7,6 милијарди акции беа истргувани на сите американски берзи, што е над просекот во изминатите 20 трговски дена од 6,8 милијарди акции.

Претседателката на Fed, Џенет Јелен, говорејќи по објавата на одлуката на централната банка, изјави дека американскиот економски раст изгледа посилен, како и дека ќе биде потребно подигнување на каматните стапки за да се спречи прегревањето на економијата и создавањето висока инфлација.

Вложувачите сега проценуваат дека шансите за подигнување на каматните стапки во декември изнесуваат 63 отсто, додека пред објавата на одлуката на Fed ги проценуваа на 8 отсто.

Одлуката на Fed да ги задржи ниските каматни стапки, меѓутоа, го спушти курсот на американската валута. Доларот потона на најниското ниво во последните три ипол седмици, од 100,37 јени. Истовремено, курсот на еврото по одлуката на Fed благо зајакна во однос на доларот, на 1,1196 долари. Индексот на доларот, кој го мери движењето на американската валута кон шесте најзначајни светски валути од земјите најголеми трговски партнери на САД, се спушти на најниското ниво во последните пет дена, од 95,515 поени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП