16 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЕстонскиот писател Тијт Алексеев гостува во Македонија

Естонскиот писател Тијт Алексеев гостува во Македонија

естонскиот

Еден од најреномираните современи автори од Естонија, Тијт Алексеев, добитник на Европската награда за литература, е гостин на Издавачката куќа Готен по повод објавувањето на романот „Поклонение“, во едицијата „Алказар“.

Во рамките на гостувањето, ќе се одржат два промотивни разговори, на кои на публиката ќе ѝ биде претставен овој несекојдневен автор на далечната естонска литература.

Најпрвин, романот на Алексеев ќе биде промовиран во Струга, во четврток, во 20 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Во Скопје промотивната дискусија ќе се одржи во просториите на ЕУ инфо центарот, во петок, 23 септември, во 19 и 30 часот, на тема “Што е ново под сонцето: историја, геополитика, љубов и војна?“, на која учесник ќе биде и најпреведуваниот македонски автор Гоце Смилевски, кои со естонскиот колега ја споделува пасијата за историски романи, но и престижната европска награда.

Во рамките на својот престој во Скопје, Тијт Алексеев, кој е претседател на Друштвото на писатели на Естонија ќе оствари средба со здружението на Независни писатели на Македонија, разменувајќи идеи за соработка меѓу двете литератури.

Гостувањето и преводот на книгата од Тијт Алексеев е овозможено преку програмата Креативна Европа на Европската унија во рамките на проектот „Подлабока Европа, поширок опсег“ во која на македонски беа преведении дела од помалку познати книжевни средини, како малтешката и естонската.

Тијт Алексеев, естонски романсиер и драмски писател, роден во 1968 година, дипломирал историја на Универзитетот во Тарту, каде што исто така се здобил со магистратура по средновековна историја. Тој работел како дипломат во Париз и Брисел, а во моментов живее во Талин. Неговиот прв расказ, Мирот од Тарту ја освои годишната награда на естонското книжевно списание Луминг во 1999 година. На Белото Кралство, трилер чие дејство се одвива во Париз и во Авганистан во 1980 година, му беше доделена награда Бети Алвер во 2006 година за најдобар дебитантски роман. Неговиот втор роман Поклонение ја освои наградата на ЕУ за литература и беше преведен на неколку јазици (италијански, унгарски, фински). Во 2011 година, тој го објави третиот роман Упориште. Тие се првиот и вториот дел од она што треба да стане трилогија.

Со романот, Поклонение, се сврте кон историографската метафикција. Нурна длабоко во средниот век, нешто што е реткост. Романот раскажува за светот на крстоносните витези, длабоко контемплирајќи над вредностите што ги мотивирале витезите-монаси, истовремено мешајќи елементи од трилер и шпионска афера, слично на манирот на великанот Умберто Еко. Сепак, книгата својата вредност ја стекна како приказна за љубовта и лојалноста, предавството, човечките односи и етичките идеали. За да го напише Поклонение (2008), Алексеев десет години собирал материјал и ги посетил локациите на главните битки во Светата Земја. Романот е базиран на хрониките за Првата крстоносна војна во 11-тиот век, со Ерусалим како сон во нивните глави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП