8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо паметен избор на транспорт – до посилна економија

Со паметен избор на транспорт – до посилна економија

pameten tras3

Како паметниот избор на движење низ урбаните средини влијание врз животната средина, квалитетот на воздухот, здравјето на луѓето, домашниот буџет, но и врз развојот и зајакнувањето на економијата беа темите на кои денеска во Јавна соба – Центарот за дизајн и иновации се дискутираше на отворениот Форум „Паметна мобилност. Силна економија“.

Претставници на различни општествени и стопански субјекти ги пренесоа искуствата како следејќи ги и прифаќајќи ги современите урбани транспортни трендови успеваат да ги унапредат своите компании и институции, во исто време заштитувајќи ја животната средина.

Денешните дискусии беа насочени кон темите кои се фокус на Европската недела на мобилност 2016. Се зборуваше за Урбаната мобилност и практичните решенија на Градот, Развој на зелени урбани коридори, Развивање на локалната економија преку урбаната мобилност – практични примери од приватниот сектор, Зелени работни места и користење на иновативен пристап во развивање на бизнисот, Хибридни електрични возила и колку тие се навистина достапни за граѓаните, како и за улогата на медиумите и ИТ секторот во развој на паметната урбана мобилност.

Беа слушнати прекрасни примери како вработените можат да се мотивираат за користење еколошки начини на транспорт, а со тоа да се постигне поголема ефективност на работното место, да се подобри здравјето на вработените и да се намали бројот на боледувања. Истражувањата покажуваат дека градовите кои промовираат одржлив транспорт се во значителна економска предност во однос на оние кои се залагаат за традиционално поттикнување на користењето на автомобили.

Дека ваквиот интелегентен пристап кон урбаниот транспорт може да значи и отворање на нови работни места јасно покажаа примерите од мали компании кои нудат услуги за еколошко пренесување на пратки и кои веќе успешно функционираат во градот.

Автомобилските компании кои нудат на пазарот хибридни возила укажаа дека постои се поголем интерес кај граѓаните за купување на хибридни возила кои се се подостапни. Евидентен е и примерот на големи компании кои за сопствените деловни потреби користат електрични возила.

И секако информатичката технологија е важна алатка во оваа приказна бидеќи ги креира софтверските апликации со кои добиваме точни, навремени и достапни информации за поедноставно движење низ градот.

На форумот, Градот Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на обединетите нации го објавија предизвикот за граѓани за идеи како да поминеш поинаков „ зелен“ ден во Скопје.

Идејата поттикнува на иновативен пристап во креирање на туристички рути во кои би се склопиле веќе постоечките ресурси на Градот .Предложените рути треба бидат наменети за туристички и рекреативни активности за граѓаните и посетителите на Скопје како нова туристичка понуда, со нови содржини, места до кои ќе се патува со користење и комбинирање на различни видови транспорт (пеш, велосипед, јавен превоз, електрични или хибридни возила), без користење на бензинско или дизел возило. Предлозите треба да ги вклучат можностите за развој на еко-туризмот во градот и околината.

Најдобриот предлог ќе добие награда, а рутата ќе биде предложена како нова еколошка туристичка понуда на Градот.

Настанот е организиран од Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите нации.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП