Почетокот на трговската седмица на Македонската берза во понеделникот започна со пад на индексот МБИ 10 од 0,22 отсто и заврши на 1947,24 индексни поени.
Вкупниот промет во понеделникот изнесуваше 5.115.338,17 милиони денари, остварен преку вкупен број од 56 трансакции.
Кај акциите најмногу се тргуваше со акциите на Охридска Банка АД Скопје, при што беше остварен промет од 1,6 милиони денари, при истргувана нестандардна количина од 513 акции по просечна цена од 3.250 денари.
Од листата на добитници се издвои акцијата на винарска визба Повардарие Неготино со раст од 3,09 отсто при истргувани 5 акции по просечна цена од 5.000 денари, веднаш по неа се најде акцијата на Комерцијална Банка Скопје со раст од 0,64 проценти.
Кај губитниците пад од 1,74 отсто од вредноста изгубија акциите на Макпетрол АД Скопје. Во понеделникот, имено, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија донесе Заклучок за прекинување на поведената постапка по Барањето за издавање дозвола за понуда за преземање на Макпетрол“ АД Скопје, поднесено од страна на Balkan Petroleum Holding Limited”.
Од КХВ најавија дека постапката по Барањето за издавање дозвола за понуда за преземање на “Макпетрол” АД Скопје, поднесено од страна на “Balkan Petroleum Holding Limited”, ќе продолжи по решавање на претходното прашање од страна на надлежниот државен орган.
За обврзниците вчера имаше мала заинтересираност, па така се оствари промет од само 345.300,17 илјади денари од кои 90 отсто беше остварен со обврзниците од петнаесеттата емисија.