27 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИОтворена фабрика за минерална вода во Гари

Отворена фабрика за минерална вода во Гари

маја-гари

Во близина на дебарското село Гари, во понеделник, беше отворена фабриката за вода MAYA, која претставува резултат од работењето на концесионерот на минерална суровина – подземна вода MЛ-Гари, односно хрватскиот инвеститор – компанијата Мали Лошињ.

Фабриката за производство на флаширана вода за пиење е лоцирана покрај регионалниот пат Бошков Мост-Извор, на само 5 километри пред еколошки чистото село Гари, каде што се наоѓа концесијата. Почетната инвестиција изнесуваше 300.000 евра, а проценетите 7,7 милиони евра инвестиција, достигнаа 14 милиони евра за овие 3,5 години, колку што траеше процесот на реализација.

„Овој денешен свечен чин е финален производ од сите наши заложби и политики, а оваа инвестиција е од огромно значење не само за Гари и за Дебар, туку и за целиот Западен регион, во насока на рамномерен и одржлив економски развој“, рече министерот за економија Дритон Кучи.

Произведената вода во оваа фабрика е првенствено наменета за извоз, кој е веќе дефиниран, главно во соседните земји, Арапските земји, Хрватска и Русија.

„Посебно е важно што се обрна огромно внимание на квалитетот и стандардите, па се доби висококвалитетна премиум вода, произведена по најмодерна технологија, што ја прави конкурентна за пробирливиот светски пазар“, додаде Кучи.

„Инвестицијата што тука ја почнавме од темели пред околу три години, денес, благодарение на двајцата инвеститори од Република Хрватска, Дашмир Абдија и Бранимир Којиќ, доби лик на една од најмодерните, најсовремените и технолошки најопремените фабрики во Македонија и во регионот“, рече во име на компанијата Мали Лошињ Кујтим Деари.

Министерот за странски инвестиции Горан Мицковски го потенцираше значењето на водата како ресурс на иднината, чие значење е огромно.

„За нашава еконмомија, пак, посебно е значајно што инвестициите континуирано растат, а тоа значи и отварање на нови работни места, со што се придонесува кон намалување на невработеноста и зголемување на животниот стандард“, рече Мицковски

„Ниту еден инвеститор ниту имал, ниту ќе има административни проблеми во Дебар. Сите се добредојдени и за сите стоиме на располагање“, рече градоначалникот на Дебар, Ружди Лата.
Инаку, моменталниот број на 25 вработени, според најавите на инвеститорот, треба за многу скоро време да се зголеми, а дневното производство на флаширана вода може да достигне и до 200.000 литри по осумчасовна смена.

Меѓу бројните присутни кои го поздравија свеченото отварање на фабриката „Maya” и оваа успешна инвестициска приказна беа и амбасадорката на Република Хрватска Данијела Баришиќ, лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, како и повеќе министри и претставници на политичкиот и деловниот живот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП