Соработката на домашните со странските инвеститори во Македонија е растечка и од година в година е сé поголема, а македонските компании имаат сé поголема полза од странските инвеститори и годинава добиле 50 милиони евра рече во неделата челникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и оцени дека прометот во индустријата зголемен и покрај кризата којашто, како што рече, ја креира опозицијата.
„Секоја година има сé повеќе странски инвестиции и нови компании и поради тоа што домашните компании веќе ја препознаа можноста да го искористат тоа нивно присуство, да станат нивни добавувачи и на тој начин да добијат работа којашто е поврзана со глобални играчи, индиректно преку компаниите од странство кои во Македонија отворија свои фабрики. Последниот податок за минатиов период е 50 милиони евра средства кои странските компании кои отворија свои фабрики во Македонија ги потрошија за добавување од македонски компании. Таа бројка е растечка, едно време беше 20-25, па 30 милиони евра, сега веќе е 50 милиони евра на годишно ниво. Тоа покажува дека сé поголема полза имаат домашните фирми и домашните компании од присуството на странските компании во Македонија“, рече Груевски.
Нагласи дека доколку не дошле странските компании, постоечките македонски фирми ќе имаа помалку работа за 50 милиони евра, што го оцени како значителен износ.
„Вклучени се огромен број компании кои соработуваат со нашите компании, и тоа е добро. Странските компании сé повеќе гледаат можности во домашните компании, затоа што многу често нашите се поконкурентни во најмала рака од аспект на близината, транспортот и цените кои ги нудат“, рече Груевски.
„Прометот во индустријата зголемен и покрај кризата која ја креира опозицијата“, рече подоцна челникот на ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи на податокот дека во јули прометот во индустриското производство изнесувал 13,6 отсто раст во однос истиот период од претходната година, а за првите шест месеци е малку повеќе од 10 отсто.
„Ова укажува дека работите се движат во една добра насока во делот на индустријата, прометот во индустријата расте, и тоа со прилично задоволителна стапка. Сигурен сум дека тој раст ќе беше уште поголем доколку не беше политичката криза којашто ја создаде опозицијата, но дури и со една таква препрека можам да кажам дека имаме задоволителен раст на прометот во индустриското производство“, реќе поранешниот премеир Груевски.
Нагласи дека таквите податци укажуваат дека многу мерки кои што ги презела Владата во изминатиот период даваат резултати, помагајќи им на компаниите се помага и растот на економијата.
Претходно во неделата Груевски присуствуваше на официјалното започнување со работа на канадската компанија „OneContact“, на која присуствуваа и директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо, министерот за финансии Кирил Миновски, инвеститорот Асиф Чаудари кој најави 200 вработувања и ги повика младите да аплицираат.