19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈугославија или Македонија – кога се живеело подобро?

Југославија или Македонија – кога се живеело подобро?

yugo

25 години потоа. Дел од Македонците мислат дека животот бил многу подобар во СФРЈ, многумина се уште гледаат со носталгија кон заедничката држава, а новите генерации не ни знаат како изгледало сето тоа. Статистиката, пак, покажува дека од независноста досега и нема многу голем напредок на економски план.

Десетина години во голем минус, десетина година во мал плус

Првите десетина години економијата беше во голем минус, а последните десет во мал плус. Ембаргото од Грција и санкциите кон Србија, распаѓањето на заедничкиот пазар и транзицијата односно приватизацијата беа главните белези на 90-те.

Статистиката покажува дека реалната плата се зголемила за 44.8%, невработеноста се намалила за околу 10 процентни поени, а Бруто домашниот производ (БДП) во просек растел за помалку од 2% секоја година од историската 1991-та до 2015-та. Ова се основите показатели од публикацијата „25 години независна Македонија“ што ја објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Македонските работници во 2004-та прв пат имале повисока реална просечна плата од 1991-та. И во деведесеттите таа номинално растела, но била „подјадувана“ од инфлацијата, па реално останала под нивото од пред распадот на Југославија. Во последните десетина години имала посолидни стапки на зголемување, па во 2015-та споредено со 1993-та реално била поголема за 44.8%, покажуваат податоците од публикацијата .

„Просечната нето – плата по вработен во 1993 година изнесуваше 3.782 денари, додека во 2015 година изнесуваше 21.906 денари. Во периодот 1993-2015 година се забележува номинално зголемување на просечната нето – плата од 479 проценти и реален пораст од 455“ се наведува во публикацијата.

Стапката на невработеност во 1993-та била 27.7%, со мали варијации се зголемувала се до 2005-та кога достигнала 37.3% по што почнува период на намалување и доведување до 24% во вториот квартал од оваа година. Стапката на невработеност секако е обратно пропорционална на стапката на вработеност иако има помали варијации поради иселувањето и пензионирањето како резултат на стареењето на населението.

„Во периодот 1997 – 2015 година, стапката на вработеност за лицата на возраст од 15 до 64 години бележи мали промени од година во година, во насока на пораст или опаѓање. Најниска стапка на вработеност е забележана во 2004 година, по што, почнувајќи од 2005 година, стапката на вработеност е во континуиран пораст и во 2015 година достигна 47.8%“ се наведува во публикацијата.

Бруто домашниот производ (БДП) односно вкупните економски активности се намалувале од осамостојувањето во 1991-та до 1996-та, по што започнува тенденција на раст кој е прекинат во 2001-та поради вооружениот конфликт, како и во 2009-та и 2012-та пред се поради светската економска криза.

Во изминатите 25 години има и значителна промена на структурата на БДП. Така во 1991-та 29.8% од вкупните активности отпаѓале на индустријата и градежништвото, 11.4% на земјоделството, а 56.8% на секторот услуги. Во 2010-та, пак, индустријата и градежништвото опфаќале 24.3%, земјоделството 9.8%, а услугите 65.9%.

Сепак, и во 2015-та Македонија била речиси исто далеку од Европската Унија колку во 1991-та ако се спореди БДП по глава на жител.

„Нивото на бруто – домашниот производ на Република Македонија, по жител, изразен во волуменски индекси на БДП по глава на жител, во 2005 година беше 70% под просекот на Европската Унија, а во 2015 година е 63% под просекот на Европската Унија“ се наведува во извештајот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП