24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПочувствуван нов земјотрес во Скопје

Почувствуван нов земјотрес во Скопје

zemjotres

Потрес со магнитуда од 3,0 по Рихтер е почувствуван во 1,32 часот по локално време ноќта кон средата во Скопје, според францускиот Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).

Според оваа првична информација, епицентарот на најновиот земјотрес кој ги вознемири жителите на македонската престолнина веќе трета ноќ по ред, е во пограничниот регион меѓу Македонија, Србија и Косово, на околу шест километри североисточно од Скопје, на длабочина од 5 километри.

Истовремено се смета дека овој потрес е дел од серијата од стотина земјотреси кои се регистрирани во Скопје и околината од првиот потрес во неделата наутро пред 7 часот до ноќта кон средата.

Ова е прв поголем потрес од вторникот утрото, кога единствено беше забележан земјотрес од 1,5 степени во 8,11 часот.

Последниот посилен потрес, кој ги вознемири граѓаните беше оној што се случи во 19.53 часот во понеделник, со јачина од четири Рихтерови степени и со епицентар на пет километри од Радишани. Тоа беше втор по јачина земјотрес по неделниот, кој беше со јачина од 5,3 Рихтерови степени, а по кој имаше серија од десетина земјотреси.

Сеизмолозите велат дека станува збор за афтершокови и оти никој не може да предвиди дали и кога ќе се случи друг земјотрес.

Првиот од низата беше регистриран во неделата во 7 часот со јачина од 4,4 степени според Рихтер. Најсилниот, пак, е регистриран истиот ден во 15,10 часот со магнитуда од 5,3 степени по Рихтер.

Во понеделникот вечерта во Скопје и околината беа почувствувани два последователни земјотреса во 19,53 часот, првиот со магнитуда од 2,4, а вториот од 4 степени според Рихтеровата скала.

Претходно во текот на денот, два потреса беа регистрирани во 11,50 и 14,19 часот со магнитуди од 2,3 и 3,7 степени според Рихтеровата скала.

Сите потреси се во скопското епицентрално подрачје.

Потресите предизвикаа помали материјални штети, имаше паднати оџаци и малтер, помали пукнатини. Градскиот штаб за заштита и спасување до вчера регистрирал оштетувања на 40 објекти. Претходно од ЦУК соопштија дека до вчера се пристигнати 300 пријави за штети од земјотресите.

Лекарска помош за помали повреди и скршеници побарале стотина граѓани, кои според здравствените работници се настанати поради паничното бегање, а не во самиот потрес.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП