20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо текот на ноќта немаше земјотреси, само едно училиште делумно затворено

Во текот на ноќта немаше земјотреси, само едно училиште делумно затворено

скопје

Во текот на ноќта, од понеделник кон вторник и утрово, не се регистрирани земјотреси, кои би ги вознемириле скопјани, како последниве два дена.

Сепак, повеќе граѓани одлучија ноќта да ја минат под отворено небо, стравувајќи од нови потреси.

Последниот посилен потрес, кој ги вознемири граѓаните беше оној што се случи во 19.53 часот во понеделник, со јачина од четири Рихтерови степени и со епицентар на пет километри од Радишани.

Тоа беше втор по јачина земјотрес по неделниот, кој беше со јачина од 5,3 рихтерови а по кој имаше серија од десетина земјотреси.

Сеизмолозите велат дека станува збор за афтершокови и оти никој не може да предвиди дали и кога ќе се случи друг земјотрес.

Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија Скопје по препорака на Управувачкиот комитет за справување со кризи, ги посети училиштата за да ја провери состојбата во нив, по земјотресите кои ги потресоа скопјани.

Досега само за основното училиште „11 Октомври“ има забрана за користење на две училници, поради опасност за изведување настава.

Состојбата на училиштата воедно ќе биде главна тема на вечерашниот состанок на Управувачкиот комитет.
Од неделата, до сега во Македонија се почувствувани 16 земјотреси, според податоците на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ.

Првиот од низата беше регистриран во неделата во 7 часот со јачина од 4,4 степени според Рихтер. Најсилниот пак е регистриран истиот ден во 15.10 часот со магнитуда од 5,3 степени по Рихтер.

Вчеравечер во Скопје и околината беа почувствувани два последователни земјотреса во 19.53 часот – првиот со магнитуда од 2,4, а вториот од 4 степени според Рихтеровата скала.

Претходно во текот на денот, два потреси беа регистрирани во 11.50 и 14.19 часот со магнитуди од 2,3 и 3,7 степени според Рихтеровата скала.

Сите потреси се во скопското епицентрално подрачје.

Потресите предизвикаа помали материјални штети, имаше паднати оџаци и малтер, помали пукнатини. Градскиот штаб за заштита и спасување до вчера регистрирал оштетувања на 40 објекти. Претходно од ЦУК соопштија дека до вчера се пристигнати 300 пријави за штети од земјотресите.

Лекарска помош за помали повреди и скршеници побарале стотина граѓани, кои според здравствените работници се настанати поради паничното бегање, а не во самиот потрес.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП