2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews

 

Истанбул – Турскиот национален авионски превозник Туркиш ерлајнз потпиша договор за купување на 117 авиони од европскиот производител на авиони Ербас. – Денес потпишавме најголем договор во историјата на Туркиш ерлајнз – изјави директорот на авионската компанија Хамди Топку, во текот на церемонијата за потпишување на договорот во Истанбул, а треба да се испорачаат до 2020 година. Туркиш ерлајнз моментално има флота од 215 авиони, од кои 107 се купени од Ербас, а другите од американскиот производител на авиони Боинг.

Љубљана – Словенија на аукција за обврзници собра 1,1 милијарда евра, дупло повеќе од планираните, наспроти шпекулациите дека може да биде следна земја во низата, која ќе побара меѓународна помош. Словенија продаде 18 месечни должнички хартии, со камата од 4,15 отсто, што е за 0,16 процентни поени повеќе во однос на последната слична аукција од декември 2012 година. Словенечкото министерство за финансии прво очекуваше дека ќе заработи 500 милиони евра за рефинансирање на претходната емисија на должнички хартии со рок на доспевање во јуни.

Мадрид – Шпанскиот премиер Маријано Рахој ги отфрли лошите економски прогнози на ММФ, според кои шпанската економија ќе продолжи да тоне во 2013 година. Рахој рече дека реформите, кои ќе бидат претставени на 26 април, ќе ја направат економијата пофлексибилна и поконкурентна. ММФ соопшти дека шпанската економија ќе ослабе за 1,6 отсто во 2013 година, дека невработеноста ќе порасне од 26 на 27 отсто, а дека буџетскиот дефицит во 2013 година ќе биде 6,6 отсто, а во следните години 6,9 отсто.

Берлин – Германското министерство за финансии предвидува долгорочен буџетски план за намалување на јавниот долг на земјата од актуелните 80,5 отсто од БДП на 69 отсто од БДП до 2017 година. Значителното намалување на јавниот долг ќе биде можно кога земјата ќе го урамнотежи својот буџет и ќе го намали нивото на задолжување, наведено е во соопштението на министерството. Се очекува дека буџетскиот дефицит на Германија оваа година ќе биде околу 0,5 отсто од БДП, што е значително под границата на ЕУ од 3 отсто.

Лондон – Гувернерот на Централната банка на Англија БоЕ, Мервин Кинг според записникот од последниот состанок на таа институција, повторно повика на дополнителни стимулативни мерки. Монетарниот комитет од 9 члена гласаше со 6 гласа према три за задржување на програмата за квантитативно лабавење, во вредност од 375 милијарди фунти (435 милијарди евра), покажува записникот од состанокот на Комитетот одржан на 3 и 4 април. Трет месец по ред, гувернерот во заминување Мервин Кинг, заедно со членовите на Комитетот Дејвид Мајлс и Пол Фишер, повика на дополнително впумпување на 25 милијарди фунти во економијата, за поттик на економската активност која успори кон крајот на 2012 година.

Токио – Претседателот и извршниот директор на јапонскиот електронски гигант Панасоник ќе ги намали своите плати за 50 отсто, преземајќи делумно вина за финансиските проблеми на компанијата. Претседателот на Панасоник Казухиро Цуга и извршниот директо Фумио Очубо се согласија во ноември лани на намалување на нивните плати за 40 отсто, а другите директори на компанијата за 20 отсто. Целиот јапонски електронски сектор претрпе серизона штета поради падот на побарувачката, намалените цени на производите и острата меѓународна конкуренција.

Берн, Токио – Најголемиот светски производител на автомобили Тојота продаде 1,219 милиони хибридни возила во текот на минатата година, благодарение на успехот на својата марка приус во светот, како и новата марка аква во Јапонија. Хибридните возила биле 14 отсто од вкупната продажба на автомобилите на Тојота лани, додека во Јапонија, каде продажбата се поддржува со субвенции, нивниот удел бил 40 отсто. Компанијата во соопштението наведува дека за 2013 година планира да развие и да понуди на пазарот уште 18 нови модели на хибридни автомобили.

Санта Клара – Компанијата Интел оствари 12,6 милијарди долари приходи во првиот квартал, 2,5 милијарди долари добивка, 2 милијарди долари нето добивка и заработка по акција од 0,40 долари. Компанијата генерирала околу 4,3 милијарди долари во готово во деловните потфати, плати дивиденда во износ од 1,1 милијарди и искористи 533 милиони долари за откуп на 25 милиони обични акции. Претседателот и извршниот директор на Интел Пол Отелини оцени дека компанијата остварила добри резултати, со оглед на неповолните пазарни услови. Испорачана е следна генерација на компјутерски микропроцесори, претставена е нова серија на производи наменети за микро сервери.

Канбера – Австралискиот министер за финансии Вејн Свон ги критикуваше бесмислените мерки за штедење во Европа, нарекувајќи ги кочница за глобалниот раст. – Развиените земји мора да направат повеќе околу покренувањето на глобалната економија, а посебно по прашањето за поттик на владината потрошувачка – рече Свон во интервју за весникот Вол Стрит Џорнал, пред состанокот на водечките финансиски институции во Вашингтон. – Азија не може да продолжи да го носи товарот, т.е. да врши тежок дел од работата во глобалната економија. Потребно е да се преземат поголеми напори во политика која промовира раст на развиените економии во Европа – додаде тој.

Париз – Продажбата на нови автомобили на пазарот на ЕУ падна во март оваа година за 10,2 отсто, 18 месец по ред. Вкупно се продадени 1,307.107 нови возила, додека во истиот месец лани продадени се 1.454,907 возила, објави Европското здружение на производители на автомобили. Француските производители на автомобили се меѓу тие кои имаа најголем пад на продажбата, така Групата ПСА забележа намалување од 16 отсто (пежо 13,5, ситроен 19 отсто), а рено за 9,6 отсто (пад од 15,9 за главната марка, плус 20,2 отсто за дачија).

Париз – Француската влада ги намали прогнозите за раст на стопанството и го претстави планот за доведување на буџетскиот дефицит внатре во границите на ЕУ од 3 отсто од БДП до 2014 година. Француската влада соопшти дека растот оваа година ќе биде само 0,1 отсто, а следната година 1,2 отсто, што е пад од претходно прогнозираните 0,8 отсто, т.е. 2,0 отсто. ММФ ги намали прогнозите за растот на француското стопанство, предвидувајќи успорување од 0,1 отсто во оваа и раст од 0,9 отсто во 2014 година.

Москва – Меѓународната агенција за кредитен рејтинг Стандард и Пурс објави дека го зголеми долгорочниот кредитен рејтинг на руската државна компанија Росњефт на БББ од БББ минус, со стабилна прогноза. Во октомври СИП ги ревидираше своите прогнози за долгорочниот кредитен рејтинг на руската државна компанија од негативна на позитивна. Рејтингот ја следи најавата на Росњефт дека ќе преземе 50 отсто удел во ТНК-БП во замена за 17,1 милијарда долари парични средства и 12,84 отсто удел во Росњефт, како и 50 отсто удел во ТНК-БП од рускиот конзорциум ААР за 28 милијарди долари.

Киев – Увозот на природен гас од Европа во Украина во т.н. обратен режим, како и испораките на гас во таа земја, сега го вршат комерцијални компании, рече министерот за енергетика и рударство Едуард Ставицки. Украина во целост ја спроведува повелбата на ЕУ, рече тој и укажа дека во земјата легално е укинат монополот на испораките на природен гас кој претходно го имаше комнпанијата Нафтогаз Украина. Министерот додаде дека потрошувачката на гас во земјата нагло паднала поради крајот на грејната сезона.

Москва – БДП на Русија е зголемен во март за 2,3 отсто во споредба со истиот месец лани, рече за новинарите заменик министерот за економски развој Андреј Клепач во кулоарите на форумот за регините во Русија. Исчистен од сезонски и календарски влијанија, растот на руската економија, според проценката на министерството, бил 0,5 отсто на месечно ниво. Во целина март бил добар месец, смета Клепач. Според него во март во позитивен тренд се покажале индустријата, инвестициите и малопродажбата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП