17 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Блуз од мешана крв“ наградувана џез-приказна со превод на македонски

„Блуз од мешана крв“ наградувана џез-приказна со превод на македонски

блуз

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува објавувањето на романот „Блуз од мешана крв“ од канадската писателка Еси Едуџин. Романот бил финалист за Букеровата награда и е добитник на наградата „Гилер“ во 2011 година. Преводот на македонски е на Елизабета Божиноска.

Младиот, генијален трубач Херонимус е уапсен во еден џез-клуб. Оттогаш на оваа музичка ѕвезда ѝ се губи трагата. Имал само дваесет години. Бил германски државјанин. И црнец. Педесет години подоцна, Сидни Грифитс, сведок на овој настан, одбива да говори за тоа што го видел. Но, кога на гости ќе му дојде Чип Џонс, пријател и колега од некогашниот бенд, со приказна дека открил чудно писмо, за Сид почнува патот до искупувањето. Од зачадените клубови на Берлин и на Париз од пред Втората светска војна до модерен Балтимор, Сид го води читателот во фасцинантен, недоволно познат свет, во срцето на својата совест.

„Блуз од мешана крв“ е возбудлива и трогателна приказна за расните разлики, музиката, љубовта и за предаденоста што ја бараме од себе и од другите во име на уметноста. Романот бил прогласен за најдобра книга за 2011 година според списанието „Опра“ и за најпродавана книга во март 2012 година на „Амазон“, а влегол и во најтесниот избор за наградата за книжевност на Генералниот гувернер на Канада.

Книгата е објавена со поддршка на Канадскиот совет за уметност.

Еси Едуџин (1977) е канадска писателка со потекло од Гана. Студирала креативно пишување. Во 2004 година го објавила својот деби-роман. Како авторка гостувала во многу држави: САД, Шкотска, Исланд, Унгарија, Финска, Шпанија, Белгија. Писателска резиденција во Штудгард, Германија, била инспирација за нејзиниот најуспешен роман досега, „Блуз од мешана крв“. Живее во Британска Колумбија со сопругот и со ќерката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП