Korean Air Lines, најголемиот акционер во јужнокорејската бродска компанија Hanjin Shipping, го одложи во петок по вторпат донесувањето на одлуката за спасување на оваа компанија, зголемувајќи ја неизвесноста околу судбината на товарот што се наоѓа на бродовите ширум океаните заради колапсот на овој седми по големина светски бродар.
Товарот, со проценета вредност од околу 14 милијарди американски долари, е заробен ширум светот бидејќи пристаништата, операторите со реморкери и компаниите кои управуваат со товар одбиваат да работат за Hanjin, стравувајќи дека нема да бидат платени.
„Ништо не заклучивме на денешниот состанок на управниот одбор, па решивме за тоа да разговараме утре“, рече портпаролот на Korean Air Lines.
Колапсот на Hanjin предизвика хаос во светските трговски мрежи и пораст на бродските такси, бидејќи на повеќе од половината од вкупно 141 брод на Hanjin им е блокирано застанувањето во пристаништата. Четири брода во четврток биле запленети, наведува Hanjin Shipping.
Случувањата со ова компанија се во време на врвот на сезоната на превоз, во пресрет на крајот на годината и божикните празници, блокирајќи го товарот на компаниите како што се HP и Samsung Electronics. Samsung во четврток побара од американскиот суд да му дозволи да плати префрлање на својата стока од бродовите на Hanjin сместени во близина на американските пристаништа.
Иако американскиот стечаен суд не дозволува заплена на бродовите на Hanjin во американските пристаништа, Samsung истакнува дека треба да им се овозможи на бродовите да ги напуштат пристаништата откако од нив ќе биде истоварен товарот и на сопствениците ќе им биде вратена нивната стока.
На почетокот на оваа, недела Samsung објави дека неговата стока вредна 38 милиони американски долари, во главно телевизори и домашни апарати, е заглавена на два брода на Hanjin. Овој технолошки гигант наведе дека можеби ќе изнајми најмалку 16 авиони за префрлање на оваа стока доколку товарот не може веднаш да биде истоварен, што би чинело најмалку 8,8 милиони долари.
Јужнокорејските банки, предводени од Корејската развојна банка, се повлекоа од финансирањето на оваа бродарска компанија, утврдувајќи дека финансискиот план на Hanjin групата, која покрај бродарската компанија вклучува и Korean Air, не е адекватен за решавање на долгот на Hanjin Shipping од 5,5 милијарди долари.