2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСлабите податоци за вработеноста во САД разбудија надежи дека каматните стапки нема...

Слабите податоци за вработеноста во САД разбудија надежи дека каматните стапки нема да растат

wall stre 33

На Волстрит, како и на главните европски берзи, индексите во петокот пораснаа благодарејќи на послабиот од очекуваниот извештај за вработеноста во САД, што според процените на вложувачите ги намали шансите американската централна банка Federal Reserve (Fed) веќе во септември би можела да ги подигне каматните стапки, но затоа останаа исти нивните очекувања за растот на каматите до крајот на годинава.

На европските берзи во петокот индексите значително пораснаа, при што лондонскиот FTSE за 2,2 отсто, на 6.894 поени, франкфуртскиот DAX за 1,42 проценти, на 10,.683 поени, а парискиот индекс CAC за 2,3 отсто, на 4.542 индексни поени.

Њујоршкиот Dow Jones индекс, пак, во петокот зајакна за 0,39 отсто, на 18.491 поен, индексот S&P 500 за 0,42 проценти, на 2.179 поени, а технолошкиот Nasdaq индекс за 0,43 отсто, на 5.249 индексни поени.

Отворањето нови работни места во САД чувствително забавило во август, по двата последователни месеца интензивно вработување. Американските работодавачи во август отвориле само 151.000 нови работни места, по нагоре ревидираните 275.000 во јули, покажа извештајот на американското министерство за труд.

Темпото на вработување во најголемата светска економија со тоа забавило, по значителното зголемување на вработувањето во јуни и јули, кога според податоците на министерството нето вкупно биле отворени 546.000 нови работни места.

Стапката на невработеност во САД во август се задржала на 4,9 отсто. Економистите проценуваа дека во август ќе бидат отворени околу 180.000 нови работни места, како и дека стапката на невработеност ќе се намали за 0,1 процентен поен, на 4,8 отсто.

Трговците сега ги намалија своите очекувања дека Fed веќе во септември би ги подигнал каматните стапки, имено уште во четвртокот ја проценуваа веројатноста за тоа на 24 отсто, а сега ја проценуваат на 21 отсто. Но, веројатноста од подигнувањето на каматните стапки во декември благо порасна од 53,6 на 54,2 отсто.

„Инвеститорите на пазарите на акции малку здивнаа, бидејќи бројот на вработените не ја надмина бројката од 200.000. На пазарите на акции се проценува дека Fed ќе ги подигне каматите уште еднаш до крајот на годинава, но доколку почнат да перципираат дека ќе следи серија зголемувања, и дека тие ќе се случат пред а не подоцна, тогаш ќе започне нервозата“, оценува Шон Линч, стратег во Wells Fargo Investment Institute.

И покрај послабиот од очекуваното показател за вработеноста, челникот на Fed во Ричмонд, Џефри Лејкер, во петокот изјави дека изгледа оти американското стопанство е доволно силно за значително повисоки каматни стапки. Истакна дека низа економски аналитичари сугерираат дека клучната прекуноќна каматна стапка на Fed е премногу ниска.

И неколку други функционери на Fed изминатава седмица даваа изјави од кој можеше да се насети дека се залагаат за подигнување на каматните стапки, така што инвеститорите не може пополно да ја исклучат можноста од нивното подигнување на следното заседание на американската централна банка, на 21-ви и 22-ри септември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП