2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРААктуелната добитничка на нобеловата награда преведена на македонски

Актуелната добитничка на нобеловата награда преведена на македонски

nema

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје најавува дека книгата „Војната нема женско лице“ од добитничката на Нобеловата награда за литература за 2015 година, Светлана Алексиевич е најновата книга во книжевната продукција на оваа издавачка куќа. Ова значајно дело за светската книжевност е прво од оваа авторка што се преведува на македонски. Преводот е на Игор Станојоски.

Војната нема женско лице е една од најпознатите книги за војната. За време на Втората светска војна, околу еден милион жени се бореле на страната на Црвената армија, но за нив никогаш ништо не се пишува. Оваа книга ги собира на едно место спомените на стотици жени – снајперистки, тенкистки, болничарки. Ова е приказна за жените во текот на војната. Што ним им се случувало, како таа ги променила? Од што се плашеле? Како научиле да убиваат? Овие жени – повеќето првпат во својот живот – ја раскажуваат нехеројската страна на војната, која најчесто не е присутна во сеќавањата на ветераните. Тие говорат за валканоста и за студот, за гладот и за сексуалното насилство, за проблемите и за сенката на смртта. Алексиевич дозволува овие гласови да се слушнат во нејзината трогателна книга, првпат објавена во 1985 година. Авторката ја дополнила во 2002, преработувајќи ги деловите што биле цензурирани и додавајќи нови материјали што првично не било дозволено да се објават.

Светлана Алексиевич е првиот новинар награден со Нобелова награда за литература. Книгата Војната нема женско лице е почеток на нејзиниот циклус книги насловен Гласови на утопијата, книги во кои животот во Советскиот Сојуз е прикажан низ перспективата на индивидуалецот. Освен со овој циклус, авторката е позната и по серијалот за нуклеарната катастрофа во Чернобил, насловен Гласовите на Чернобил.

Комитетот на Кралската шведска академија на науките, која ја доделува Нобеловата награда, го нарече пишувањето на Алексиевич „споменик на храброста и страдањето на нашето време“. „Со текстовите за Чернобил, за советската војна во Авганистан, и за неисполнетите надежи за слободна земја по распадот на советската империја, таа преку трагична хроника на луѓето овозможува да се почувствуваат егзистенцијалните разочарувања“, пишува во образложението за наградата.

Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Светлана Алексиевич е родена во 1948 година во Ивано-Франкoвск (Украина) од татко Белорусин и мајка Украинка. Живее во Минск (Белорусија). Нејзините книги се преведени на повеќе од 30 јазици и биле основа на десетина драмски поставки. Според нејзини сценарија се снимени дваесетина документарни филмови. Добитничка е на огромен број награди. Алексиевич е творец на сосема нов, нефикциски жанр. Таа пишува „роман од гласови“. Градејќи го овој жанр од книга во книга, таа постојано ја усовршува естетиката на својата документаристичка проза, која се базира на стотици интервјуа. Ваквата нејзина вештина овозможила да го претвори оригиналниот глас на нејзините соговорници во уметничка кондензација на панорамата на душите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП