Банките во Швајцарија ја намалиле локалната работна сила за 4,1% во првото полугодие, откако компаниите започнаа да се спојуваат и да ги намалуваат трошоците за да го запрат падот на профитабилноста. Тоа го покажува истражувањето на главната асоцијација на банките во земјата, пренесува „Bloomberg“.
Вкупно 3.454 работни места биле скратени, изјави Здружението на швајцарските банкари во својот годишен извештај за индустрија. Бројот на работниците е намален за 1% до 103.041 лица во 2015-та година.
„Континуираната средина на ниски каматни стапки и силната конкуренција доведува до значителен притисок врз маргините. Притисокот се засилува дополнително од зголемените трошоци“, вели асоцијацијата во извештајот.
Првата половина на годината е обележана од економската и геополитичката несигурност и пазарна нестабилност кои влијаат врз расположението на инвеститорите, велат од здружението. Обемот на трговија е намален за 8,7% во овој период.
Швајцарија е дом на банки како „UBS Group“ и „Credit Suisse“, како и илјадници помали приватни банки и менаџери на благосостојбата, од кои многу се фокусираат на управување со средства на богати семејства надвор од земјата. Швајцарија има најголем удел во прекуграничниот пазар за управување на богатството, се наведува во извештајот, иако странско контролираните банки ја напуштат земјата поради загриженоста за профитабилноста, регулаторните трошоци и правните ризици.
Бројот на банките кои работат во земјата, се намалува за најмалку 10-та година по ред, а најмногу си заминале странските компании. Банките во земјата кон крајот на 2015-та година биле 266, наспроти 275 на крајот на 2014-та година, се вели во извештајот. Управуваните средства исто така се намалиле за 1,3% до 6,57 илјади милијарди швајцарски франци (6,68 илјади милијарди долари) во 2015-та година и до 6,42 илјади милијарди франци до крајот на мај оваа година.
Иако доверителите се консолидираат во Швајцарија, многу продолжуваат да бараат раст во брзорастечките економии во развој како Азија. Некои додаваат работни места во земјите од Европската унија, за да се заобиколат ограничувањата при сервисирањето на европските клиенти директно од Швајцарија. Банките ги зголемија своите вработени надвор од земјата со вкупно 6.700 лица во првото полугодие, се наведува во извештајот.
Две третини од банките, кои учествувале во истражувањето на Здружението, велат дека очекуваат нивото на невработеност да остане без промена во втората половина од годината.