17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗапочна изградбата на магистралната гасоводна мрежа од Штип до Неготино

Започна изградбата на магистралната гасоводна мрежа од Штип до Неготино

gasovod-mak

Изградбата на магистралната гасоводна мрежа од Штип до Неготино, во должина од 36 километри, инвестиција вредна 16 милиони евра, почна да се гради во вторник, а треба да заврши кон крајот на следната година.

Изведувач на градежните работи е македонски конзорциум предводен од кумановски „Рапид билд“ заедно со уште четири компании – „Ел-Те“, „Сектартермо“, „Чакар партнер“ и „Квалитет пром“.

Гасоводната мрежа Штип – Неготино се надоврзува на гасоводот Клечовце – Штип чија изградба во должина од 61 километар заврши минатиот месец, а беа инвестирани 75 милиони долари.

„Реализацијата на овој проект ќе значи дополнително олеснување во работата на индустриските капацитети, на компаниите во нашата држава, бидејќи со гасификацијата директно се придонесува за подобрување на условите за производство поради поевтиниот енергенс што само по себе ќе продуцира и подобрување на конкурентноста и извозот на нашите производи во странство. Таквите процеси ќе овозможат нов развој на домашната економија, развој како на постоечките, така и на нови компании во различни индустриски гранки и ќе создадат нови работни места во нашата држава“, истакна премиерот Емил Димитриев.

Според него, со гасификацијата на земјата, ќе се обезбеди поголема заштита на природната средина.

Премиерот уште додаде дека до 2019 година се планира да бидат изградени 265 километри од гасоводниот систем во чии рамки во следниот период се планира изградба на шест нови делници и тоа Штип – Радовиш – Струмица – Гевгелија, Штип – Кочани – Виница, Штип – Свети Николе – Велес, Струмица – Ново Село, Гостивар – Кичево и Кичево – Охрид – Струга – Ќафасан.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП