Долгогодишниот сојузник на Владимир Путин и шеф на „Роснефт“ Игор Сечин прави планови да го прошири влијанието на својата империја, пишува „Bloomberg“. Тој ќе и предложи на Владата да го купи контролниот пакет во помалата државна нафтена компанија „Башнефт“ за сума од 5 милијарди долари.
Потоа руската влада ќе може да заработи и уште 11 милијарди долари од планираната продажба на 19,5% од капиталот на „Роснефт“ во текот на оваа година.
На овој начин во буџетот ќе влезат 16 милијарди долари од приватизацијата на нафтените компании и така ќе се преполови очекуваниот буџетски дефицит.
Според изворите на „Bloomberg“ предлогот на Сечин се базира на извештајот на италијанската банка „Intesa Sanpaolo“, според кој Русија може да заработи барем 11 милијарди долари од продажбата на акциите на „Роснефт“, ако ги предложи на неколку помали пакети од по 5% , на пример.
Дека „Роснефт“ има апетити кон делот на „Башнефт“, стана јасно уште пред еден месец. Премиерот Дмитриј Медведев не се согласува на овој договор. Негативно мислење дадоа и министерот за економски развој Алексеј Улюкаев, како и министерот за енергија Александар Новак.
Првичните планови беа зделката за приватизација на „Башнефт“ да биде реализирана во септември или октомври 2016-та година. Премиерот Медведев сепак го одложи нејзиното извршување, а првиот вицепремиер Игор Шувалов коментираше дека планираната продажба ќе се случи, но откако ќе биде реализирана трансакција за делот на „Роснефт“.