Бројот на странските туристи во Франција е намален за 7% од почетокот на годината, како резултат на терористичките напади, но исто така и поради лошото време, и штрајковите. Ова го соопшти министерот за надворешни работи и туризмот Жан-Марк Еро.
Поради овие причини туристичката индустрија во Парискиот регион предвиде пропуштени приходи во износ од 750 милиони евра во првото полугодие. Истовремено луксузните хотели во Париз драстично ги намалија цените за да ги поттикнат туристите.
За целата 2015-та година, Франција ја задржа лидерската позиција по бројот на странски туристи, покажуваат податоците на Светската организација за туризам.
„Чувството за опасност се одразило суштински на некои клиенти, особено на побогатите и азиските туристи“, истакна министерот.
Во Париз посетите на странски туристи се намалени за 17% на годишна основа во продолжениот викенд за 15-ти август.
За овој пад придонеле и економските тешкотии во некои земји како Русија и Бразил, коментира Жан-Марк Еро. Тој додаде дека за разочарувачките резултати фактор биле и лошото време во вториот квартал, и транспортните штрајкови.
Не е се негативно сепак, истакна министерот, истакнувајќи рекордно пополнети хотели во некои градови домаќини на фудбалските натпревари од „Евро 2016“, со зголемување на продажбата од 70% во хотелите во северните градови Лил и Ленс, како и на југоисток во Сент-Етјен.
Исламистичките напади, штрајковите и поплавите се причините за одливот на туристи од француската престолнина во првата половина на годината и ја чинеше туристичката индустрија во Парискиот регион околу 750 милиони евра пропуштени приходи. Ова го покажуваат објавените официјални податоци, цитирани од агенциите.
„Време е да сфатиме дека туристичкиот сектор доживува индустриска несреќа. Веќе не е времето за комуникациски кампањи, туку за план за помош“, истакнува во соопштението Фредерик Валету, шеф на Регионалниот комитет за туризам на Париз.
Валету наведува дека се потребни големи инвестиции, за да бидат заштитени работните места во секторот, и го повикува министерот за надворешни работи Жан-Марк Еро итно да се сретне со локалните туристички власти.
Работата на околу 500.000 лица во „Ил де Франс“ (градот Париз и неговите предградија и населби) е поврзана со туризмот, што ја прави најголемата индустрија во регионот.
Истовремено луксузните хотели во Париз драстично ги намалија цените за да ги поттикнат туристите да ја посетат француската престолнина по терористичките напади во земјата. За ова информираше шефот на париската туристичка служба Франсоа Наваро.
Француската туристичка индустрија, која игра важна улога во економијата на земјата, трпи тешки загуби, откако вооружени лица и терористи самоубијци дејствуваа во име на групата „Исламска држава“, при што загинаа 130 лица во Париз во минатата година. Во јули оваа година 85 лица загинаа откако камион влета во толпа луѓе за време на националниот празник на Франција во Ница. Две недели подоцна двајца мажи убија свештеник во мал град во Нормандија.
Нападите во Париз се одразиле врз бројот на посетителите на француската престолнина, според Наваро, кој истакна дека бројот на домашните и странски туристи е намален за 1 милион, во првото полугодие од 2016-та година во однос на истиот период од минатата година. Меѓу странските посетители, Париз забележува опаѓање од 9% за истиот период.
Хотелите со пет ѕвездички во француската престолнина нудат попусти од 25% до 45%, посочи Наваро.
Соседна Белгија исто забележа намалување на бројот на туристите во трите месеци по самоубиствените напади во Брисел на 22-ри март, во кои загинаа 32 лица.