26 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДо девет грешки нема казни за медиумите

До девет грешки нема казни за медиумите

medium388

Aгенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја мина првата фаза во усвојувањето на Методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување, што треба да почне да се применува сто дена пред одржувањето на изборите, а во моментов тече јавната расправа по нејзината нацрт-верзија која трае до 24-ти август на полноќ, по што, според законските рокови, финалниот предлог треба да се изгласа најдоцна до 27-ми август, информираа во понеделникот од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

На седницата на Советот на Агенцијата, претставникот на ЗНМ, Зоран Фиданоски, имаше неколку забелешки на нацрт-текстот на методологијата. Според него, францускиот модел за балансирано известување надвор од изборни периоди избран од предлагачот, односно директорот и стручната служба на Агенцијата, како модел за имплементација во 80 дена до почетокот на изборната кампања ги става во нерамноправна положба изборните аспиранти од власта и опозицијата.

Според Фиданоски, имено моделот предвидува дека опозициските политичките партии – парламентарни и вонпарламентарни, функционери од редовите на опозицијата, како и коалиции, сојузи, граѓански организации и слично, кои ја поддржуваат опозицијата треба да бидат застапени најмалку 50 отсто од времето потрошено за партиите и функционерите од власта, потоа граѓанскиот сектор близок до власта, како и Претседателот на државата на внатрешно-политички теми.

Од овој период, се изземени известувањата какви што беа за поплавите во скопско, коишто, според членот на Советот на Агенцијата од ЗНМ, „ги имаа сите атрибути на предизборна кампања и каде на трагедијата и маката на луѓето погодени од невремето, се печалеа и се печалат предизборни поени со масовно медиумско прикажување“.

Второ, предлагачот предвидел казна за медиум, само доколку во период од десет дена направил прекршок најмалку 10 пати. Ваквиот предлог дава можност повеќето од медиумите да ја продолжат практиката свесно да прават до девет прекршоци за тој период и да избегнат санкционирање. А, токму таквото известување да има пресудно влијание во формирањето на конечната одлука кај дел од граѓаните за кого да го дадат својот глас на претстојните предвремени избори, забележа Фиданоски.

Истовремено, претставникот на ЗНМ го поздрави востановениот принцип секој од потенцијалните ангажирани надворешни монитори од Агенцијата (на прекинатиот пролетен изборен процес беа 77), меѓу другото, со нотарска изјава да гарантира дека не е член на ниту една политичка партија, што е еден од елементите за непристрасност при мониторирањето.

Во меѓувреме, Агенцијата закажа јавен состанок во вторник на 23-ти август во 12 часот, на кој треба да се дебатира за Методологијата за изборен мониторинг.

Според најавите а во согласност со законските рокови, Методологијата треба да биде изгласана од Советот на АВМУ до крајот на неделава. Нејзината примена се очекува да стартува од 3-ти септември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП