17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрад Скопје: Исчистени главните улици во поплавените села, а водата и калта...

Град Скопје: Исчистени главните улици во поплавените села, а водата и калта од куќите се исцрпени

cistenje4344

Во селата од скопскиот регион коишто беа поплавени, главните пристапни патишта и улици се расчистени, а водата и калта од куќите и од дворовите се исцрпени.

Доколку дозволат временските услови, во деновите од претстојниот викенд ќе се спроведе голема акција за тампонирање и асфалтирање на оштетените коловози и нивно враќање во првобитната состојба, соопштуваат од Град Скопје.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, заедно со Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева и советничката во Советот на Град Скопје, Елизабета Гиовска во петок извршија увид на активностите за расчистување на теренот во Смилковци, Црешево, Виниче и во Страчинци.

„Екипите на Град Скопје и на јавните градски претпријатија, противпожарната бригада, армијата, полицијата, Дирекцијата за заштита и спасување, надлежните министерства и државни институции заедно со потребната механизација се деноноќно на терен и ги расчистуваат последиците од големата поплава. Во селото Смилковци расчистувањето е во напредна фаза. Водата и калта се извлечени од сите куќи, подруми и дворови, а улиците се расчистени и проодни. Денеска во Смилковци интензивно се работи на расчистување на одводниот канал. Градоначалникот Трајановски посети голем број куќи во селото Смилковци и разговараше со граѓаните за нивните потреби и за текот на акцијата за расчистување“, соопштуваат од Град Скопје.

И во селото Црешево е во тек акцијата за расчистување на последиците од поплавата. како што информираат од Град Скопје, досега се расчистени и проодни поголемиот број улици, а се изнесува и сметот и шутот. Во месноста Црвеника, во Црешево, досега се дезинфицирани сите 350 куќи, 31 камион со шут и отпад се изнесени на депонија, а се санираат и потпорните ѕидови. Денеска во Црешево ќе се работи на расчистување на приодите до нивите.

Во селата Виниче и Страчинци денеска се работи на расчистување и санација на главниот пат, како и расчистување на споредните улици.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП