23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВработени 10 жени Ромки преку проектот на МЦЖП Шелтер центар

Вработени 10 жени Ромки преку проектот на МЦЖП Шелтер центар

romki 335

Десет жени Ромки се вработија со помош на проектот „Поддршка за инклузија на жените Ромки и жените од другите етнички малцинства на пазарот на труд“, во организација на Македонски центар за женски права Шелтер центар.

Оваа бројка е половина од вкупно 20-те жени од маргинализираната заедница Скопје, кои се дел од проектот.

„Нашата цел да и помогнеме на оваа категорија жени успешно се остварува и во другите два града каде проектот се спроведува: Куманово и Битола. Задоволството е огромно кога некому му помагаш да најде излез во животот, и пресреќна сум што резултатите се видливи: жените се интегрираат на пазарот на труд“, вели Даниела Дабеска, директор на МЦЖП Шелтер центар.

За само неколку месеци, почнувајќи од април, дел од оваа маргинализирана група веќе се вработи, а останатиот дел одлучија да се надоградуваат преку бесплатни курсеви за компјутери и англиски јазик, овозможени во соработка со Агенцијата за вработување.

Триесет и четиригодишната Ѓулатман Беќир вели оти е пресреќна што е меѓу 20 жени кои успеаја да си најдат место под сонцето на пазарот на труд.

„Не треба откажување, подобрите денови не доаѓаат веднаш, но мора да се работи. Мора нашите сопрузи, браќа, татковци да разберат дека и нас ни е потребно да заработуваме, не само заради егзистенција, ами и заради социјализација. Седењето дома не убива“, вели таа.

За нејзиниот живот да добие смисла, како што вели таа, на проектниот тим му помогнаа неколку компании, кои без да бараат надомест едноставно се сложија да помогнат и да вработат дел од жените. Успешните приказни, вчера, проектот ги заокружи со доделување на благодарници за компаниите SECURICOM, SEAVUS комјутери, и бутикот ZARA.

„Секоја жена заслужува шанса во животот. Иако жените сме соочени со разни предизвици, особено Ромките, заради традиционалниот начин на живеење, сепак треба да се избориме со предрасудите и да се трудиме парче леб да заработиме сами, без да чекаме од друг“, рече Катерина Поповска, менаџер за човечки ресурси во SECURICOM.

За овие жени најголемо задоволство е што полека успеваат да ги разбијат бариерите, некои и самите си ги поставиле чувствувајќи се дискриминирани и неконкуретни на пазарот на труд. Важно е да им се даде ветер во грб.

„Не е срамота да не знаете да работите со компјутер, има многу луѓе кои завршиле и курсеви и имаат дипломи, па се сигурни во знаењето, а кога ќе дојдат на нашите часови се покажува токму спротивното. Добро е да се надгадувате, а ние сакаме да ви помогнеме со бесплатни часови“, им порача на Ромките во Скопје Весна Иваноска од SEAVUS комјутери.

Инаку проектот е финансиран Европска Унија и е во партнерство со ромска организација ДРОМ од Куманово и со Агенцијата за вработување на Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП