Во Кавадарци започнува Меѓународната ликовна колонија “Кавадарци – Михајлово 2016“. Колонијата е во организација на Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци и Локалната самоуправа на општина Кавадарци.
Веќе две децении оваа колонија се вбројува меѓу најуспешните во Македонија и на неа со својата работа се претставија стотици ликовни уметници од целиот свет. Така и годинава десетици уметници од повеќе земји ќе творат во просториите на Хотелот “Уни Палас 2“, каде од 19 до 27 ќе се одржи колонијата.
Во рамките на “Кавадарци – Михајлово 2016“ ќе се одржи и џез фестивал со познати балкански џез музичари.
Сите дела реализирани годинава на колонијата ќе бидат на аукција и средствата собрани од неа ќе бидат уплатени на сметка за помош на настраданите семејства во поплавените подрачја во Македонија.
Меѓународната ликовна колонија “Кавадарци – Михајлово 2016“ свечено ќе биде отворена во сабота на 20 август 2016, во 21 часот, со изложба на ликовниот уметник Силвана Силва, македонски уметник, кој живее и работи во Данска.