Невработеноста во Франција падна до најниско ниво од пред речиси четири години, помагајќи му на претседателот на земјата Франсоа Оланд да го исполни предизборното ветување да се намали невработеноста пред следните избори, пренесува „Bloomberg“.
Стапката на невработеноста се намалува до 9,9% во вториот квартал од годината во однос на 10,2% во првиот квартал, покажуваат податоците на националната статистичка служба „Insee“ кои беа објавени денес.
Така невработеноста достигнува до најниско ниво од третиот квартал на 2012-та година, првиот целосен квартал од управувањето на Оланд. Претседателот на државата е прогонуван од високата невработеност во текот на целиот свој мандат и на неколку пати изјави дека треба да се промени овој тренд, пред да се стреми кон освојувањето на втор мандат.
Просечното ниво на невработеноста во земјата е 9,24% во периодот од 1996-та до 2016-та година, достигнувајќи рекордно ниво од 10,7% во првиот квартал на 1997-ма година и дното од 7,1% во првиот квартал од 2008-ма година, покажуваат пресметките на „Tradingeconomics“.
source: tradingeconomics.com
И покрај падот, сепак, земјата продолжува да се соочува со економски тешкотии.
На крајот на јули стана јасно дека француската економија се соочува со застој во вториот квартал. Тоа се толкува како знак на слабост уште пред Европа да ги почувствува последиците од британскиот референдум за излез од ЕУ. БДП-то на земјата останува без измена во трите месеци до крајот на јуни во споредба со ревидираниот раст од 0,7% во претходниот квартал. Економистите анкетирани од „Bloomberg“, очекуваа зголемување од 0,2 отсто.
Во почетокот на јуни Централната банка на Франција ја намали прогнозата за инфлацијата и ги промени очекувањата за економскиот раст во 2017-та година. Банката ги намали очекувањата за растот на БДП-то во 2017-та година до 1,5% во однос на 1,6% во декември, тврдејќи дека очекувањата се за послаба трговија. И покрај силното од очекуваното прво тримесечје, банката ја задржи прогнозата за БДП-то за целата 2016-та година на ниво од 1,4%.