4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПочнуваат уписите на македонските факултети

Почнуваат уписите на македонските факултети

ukim-fakulteti-studenti-upi

Пријавувањето за упис во прва година додипломски студии за 2016/2017 година на три државни универзитети во Битола, Штип и Охрид почнува во понеделник, додека во Тетово почнува во вторник, а во Скопје во четврток.

Вкупно се слободни 24.356 места, од кои 13.536 за редовни студенти во државна квота, 7.327 места за студентите со кофинансирање и 3.493 слободни места за вонредни студенти. Најмногу слободни места, 10.535 има на најстариот и најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од нив, 6.606 се за редовни студенти во државна квота, 2.819 за квота редовни студенти со кофинансирање и 1.110 за вонредни студенти.

Како и во изминатите години, надоместот за редовните студенти е 200 евра односно 100 евра за дисперзирани студиски програми, а износот за студиите со кофинансирање се движи од 100 до 400 евра.

Пријавувањето на кандидатите во првиот уписен рок на УКИМ е на 18­ти и 19 август. Вториот уписен рок е на 5 септември, а на факултетите на кои ќе останат слободни места ќе има и трет рок на 15 септември, кога и почнува новата академска година.

На универзитетите во Битола и Штип пријавувањето во првиот рок е на 15­ти, 16­ти и 17 август, а во Охрид на 15­ти и 16 август.На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има 3.543 слободни места, од кои 2.040 за редовни студенти во државна квота, 790 за квота редовни студенти со кофинансирање и 713 за вонредни студенти. Вториот рок за пријавување на УКЛО е на 1­ви и 2 септември, а третиот на 14 септември.

На Државниот универзитет во Тетово има 4.600 слободни места, од кои 1.335 за редовни студенти во државна квота, 2.600 за квота редовни студенти со кофинансирање и 665 за вонредни студенти. Првиот уписен рок е од 16­ти до 19 август, а вториот е од 30 август до 2 септември.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има 5.238 слободни места, од кои 3.335 за редовни студенти во државна квота, 1.008 за квота редовни студенти со кофинасирање и 895 за вонредни студенти.

По трите дена за запишување во првиот рок (15­17 август), вториот рок на Штипскиот универзитет е на 25­ти и 26 август, а третиот на 5­ти и 6 септември.

На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид слободни се 440 места, од кои 220 за редовните студенти во државна квота, 110 за квота редовни студенти со кофинасирање и 110 за вонредни студенти. Вториот уписен рок е на 1­ви, а третиот на 14 септември.

Министерството за образование и наука информираше дека при креирањето на конкурсите за јавните високообразовни институции предвид се земени податоците од анализите за понудата и побарувачката на пазарот на трудот, како и проекциите за идните побарувани занимања.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП